Триесетина конфекциски работнички во грчката фабрика Кристи текс во Благоевград ги „заробиле“ своите шефови поради неисплатени заработувачки, пренесува Блиц. Тие ги заклучиле своите работодавци и им се заканиле дека нема да ги ослободат сѐ додека не ги добијат платите за минатите два месеци.
Полицијата, откако дознала за инцидентот, го ослободила раководството на фабриката, но останала да дежура во објектот поради опасноста грчките шефови да ги изнесат машините и техниката од фабриката пред да ги подмират долговите кон работничките.
На работничките во фабриката, кои работеле и по 10 часа дневно, не им било плаќано ни здравствено ни пензиско осигурување. Кројачките се одлучни да стапат и во штрајк со глад доколку не им се исплати заработеното.