Како е смислена шемата за извлекување пари за наводните проекти на Бојан Јовановски, преку авторски хонорари и директни исплати? Кои се лицата замешани или злоупотребени во оваа шема? Каков е нивниот политички бекграунд? Читајте, овој пат без псевдоними, туку со имиња и презимиња! Со документи!, пишува новинарот Бранко Героски на порталот „Плусинфо.мк“.
Героски пишува дека една од најважните „платформи“ со кои се занимава Меѓународниот сојуз на Бојан Јовановски е изградба на т.н. европски центри за возрасни лица и мобилни сервиси на териториите на македонските општини. Овие центри требало да ги гради Силјан Мицевски, сопственик на градежната компанија „Пелистер“ од Битола.
Новинарот кој има увид во договорот помеѓу фирмата на Мицевски и невладината на Боки 13, открива дека тој е правно спорен. Според него ГП „Пелистер“ на Меѓународен сојуз требало да му уплати 1.439.810 евра, но не директно, туку преку Македонската авторска агенција, како хонорар.
– Но, човек ќе рече – зошто пак да не?! Идејата е убава. Боки 13-ка предлага, а Силјан Мицевски гради старски домови. Личи на нормален договор меѓу една невладина организација и една градежна компанија. Камо да е така… И сега, доаѓа најинтересниот дел од договорот. Имено, „заради регулирање на правата кои произлегуваат од платформата“, двете договорни страни се договориле ГП „Пелистер“ на Меѓународен сојуз да му уплати 1.439.810 евра, ама не директно, туку преку – Македонската авторска агенција?! Замислете, како авторски хонорар! – пишува Героски.
Тој додава дека во договорот пишува дека половината од оваа сума или точно 719.905 евра (плус персонален данок) требало да биде исплатена на денот на потпишувањето на договорот (13.12.2017 година), а вториот дел на денот на издавањето на правосилното одобрение за градба.
„И секако, прашувам, дали е тоа онаа зделка за која е вршен притисок врз битолската градоначалничка Наташа Петровска, која веќе даде исказ во истрагата? Според моите сознанија, станува збор токму за таа зделка. Моите извори велат дека Петровска не поткелкнала и не дозволила работата да дојде до правосилно одобрение за градба, што би значело делка вториот дел од сумата не е ни исплатен“ пишува Геровски.
Целиот текст на новинарот Бранко Героски можете да го прочитате на ПЛУСИНФО.