Град Скопје ќе им додели шест милиони денари на ракометарите на Вардар


Советот на Град Скопје донесе одлука за доделување награда во висина од 6 милиони денари, како и средства за организирање дочек на ракометната екипа „Вардар“ по вчерашната победа на Ф4-турнирот во Келн и освојувањето на титулата во ЕХФ Лигата на шампионите.

Со оваа одлука, покрај наградата, се обезбедуваат средства за авионскиот превоз со чартер-лет на тимот на РК „Вардар’ во Скопје, кој треба да слета на Меѓународниот аеродром „Скопје“ во 18.50 часот.

„По повод историскиот успех на градскиот клуб ‘Вардар’, предлагам Советот на Град Скопје да донесе одлука на ракометниот клуб ‘Вардар’, Град Скопје да му даде награда од 6 милиони денари. Од минатата вечер сум во контакт со управата на ракометниот клуб и успеавме да обезбедиме чартер-лет за клубот, кој ќе полета во 14.30, a ќе слета во 18.50 часот. Времето за слетување го координиравме за да се запазат сите безбедносни мерки за состанокот на НАТО, за скопјани слободно да може да присуствуваат на свечениот дочек. Со оваа одлука, покрај наградата, ќе се намират и трошоците за чартер-летот, како и сума од 2 милиона денари за организација на настанот“, соопшти градоначалникот Шилегов.

Шилегов потенцира дека ова е историски успех и ги повика сите граѓани на Скопје, без разлика на нивната политичка, верска или национална припадност, достоинствено да ги дочекаме европските шампиони. Дополнително, тој апелира до сите навивачки групи и симпатизери на „Вардар“ достоинствено да ги дочекаат ракометарите, со вистински навивачки песни, без омраза, дискриминација и поделби, бидејќи спортот и „Вардар“ се над политиката.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1