Град Скопје објави оглас за доделување на договор за јавна набавка за спроведување анкета за истражување на јавното мислење.
Според објавата на електронскиот системот за јавни набавки се работи за договор со проценета вредност од 847.457 денари без ДДВ или околу 14.000 евра.
Критериум за доделување на набавката е најниската цена.
„Градот Скопје ги демантира наводите објавени во одредени медиуми дека јавната набавка „Анкети за истражување на јавно мислење“ објавена вчера (07.02.2018 година, среда) се однесува за мерење на рејтингот на Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов. Сакаме да нагласиме дека јавната набавка „Анкети за истражување на јавно мислење“ не се однесува на мерење на рејтингот на Градоначалникот Шилегов туку целта на оваа набавка е истражување на јавното мислење за потребите на граѓаните на Град Скопје, зголемување на транспарентноста во работењето, како и вклучување на граѓаните во креирањето на градските политики и одлучувањето при решавањето на градските проблеми.
Град Скопје Ви стои на располагање за детални и навремени одговори во врска со сите прашања поврзани со градските активности“ се вели во соопштението на Град Скопје.