Повеќе од 20 години поминаа од војната во БиХ, но нејзините траги и тоа како се присутни. Еден од градбите каде тоа најмногу доаѓа до израз е Горњи Вакуф, т.е. Ускопље, гратче во централнобосанскиот кантон, кое во целост е поделено на хрватска и бошњачка страна, објави телевизијата Н1.
Граѓаните се идентификуваат како „тие‟ и „ние‟, а се во ова гратче е во духот на поделбите: самиот град има две имиња, исто како и средното училиште. Во средното училиште постои кат за Бошњаците и кат за Хрватите. Во центарот на градот има улица која е невидлива граница на хрватскиот и бошњачкиот дел на градот.
„Појдов во општина да барам некои документи. Бидејќи работи една за Бошњаците, а друга за Хрватите. Кога ќе појдеш, одиш таму каде што припаѓаш‟ – вели еден жител.
„Не се луѓето, луѓето не се делат. Само на високи позиции го прават тоа‟ – вели друг жител на поделеното место.
Директорот на поделеното училиште смета дека политиката ги труе родителите, а родителите децата.
„Би сакал децата да се помешаат, секој да зборува на свој јазик, никој нема да одземе нечиј идентитет‟ – смета директорот.
„Понекогаш чувствувам тука некоја мачнина и знам дека се наоѓам на место кое е условено така да чувствувате дека не сте добредојдени и дека можете да очекувате некоја непријатност, но тоа не мора да биде така‟ – смета Аднан Гаврановиќ кој со години се обидува да ги приближи двете страни.
Во градската управа сметаат дека постојат напредоци, а дека најголема кочница е промената на луѓето кои се уште живеат во 90-тите години. За тоа време, тие кои повеќе немаат трпение да чекаат на подобар живот, го продаваат својот имот и заминуваат во белиот свет. Сите се согласуваат дека градот може многу подобро да живее, во прв ред од зимскиот туризам и земјоделието, но за тоа ќе треба да се пружи рака на тие кои живеат од другата страна на улицата.