Државите се создаваат и исчезнуваат, со референдум или со силата на оружјето, светот добива нови контури. Џорџ Фридман: Неповредливоста на границите исчезна тогаш кога НАТО ја бомбардираше Србија и ја подели.
Кога светските лидери се собраа на големиот годишен собир на нациите на Ист Ривер, во зградата на Обединетите нации во Њујорк ги дочека реновиран простор со 11 места повеќе отколку што е потребно за 193-те членки на ОН. Во годината во која боиштата од Сирија, Ирак и Палестина, преку Украина и Авганистан, до Либија, Јемен и Сомалија се множат побрзо од печурките по дожд, а од Европа се шири „модниот“ тренд на референдумски изјаснувања за независност, спроти 70-годишнината на ОН идната година, во полн ек е трката за 204-те места.
Сарказмот на дипломатот од разбрануваниот Блиски Исток, кој во Њујорк го привлече вниманието на новинарите со прашањето дали едно од новите места е резервирано за Исламска држава, е само сликовит израз на глобалниот тренд во 2014 година. Генералниот секретар Бан Ки Мун во почетокот на годишното заседание на Генералното собрание на ОН изрази надеж дека во текот на двете недели Обединетите нации нема да ја испуштат можноста да им се спротивстават на глобалните закани, но веќе сега е јасно дека една од нив, која аналитичарите ја крстија „балканизација“ на светот, прилично се оттргна од контрола, пишува Новости.
Граѓанската војна во Југославија стана меѓународна кога СФРЈ престана да постои, а потоа се претвори во граѓански судири внатре во националните држави како што се Босна, Србија и Хрватска. Истовремено, границите на Кавказ беа променети кога Ерменија, само што стекна независност, презеде дел од Азербејџан. Принципот доби шлаканица кога членките на НАТО ја поделија Србија на два дела – албански дел, Косово, и остатокот од Србија“, вели американскиот аналитичар Џорџ Фридман, основач на разузнавачката компанија „Стратфор“.
– Една од причините за постоењето на Европската Унија, додава тој, е формалното укинување на војните за национално самопрогласување со обид да се создаде рамка што истовремено ги штити и ги тривијализира националните држави. Годинашниов шкотски референдум и бранот од сецесионистички движења што беше повторно поттикнат од него, од шпанска Каталонија до богатите северни провинции на Италија, почнаа да работат во спротивна насока.
– Една деценија по американската инвазија Ирак потона во судир меѓу шиитите, сунитите и Курдите. Крвопролевањето е толку големо што речиси ја засени поделбата што веќе се случи во Либија по симнувањето на деценискиот лидер Гадафи. Оваа северноафриканска земја де факто е поделена на три држави.
– Тригодишната граѓанска војна во Сирија веќе ја распарчи земјата на зони под контрола на претседателот Башар ел Асад и бунтовниците против неговиот режим. Маршот на терор на џихадистите на Исламска држава, чија цел е насилно прекројување на границите со спојување на делови на Ирак и Сирија, се чини го доведе „цепкањето“ на Блискиот Исток исто така до точка без враќање назад.
Акциите на американските фирми што се занимаваат со производство и трговија со оружје доживуваат бум на американски Волстрит. Овие денови достигнаа историски максимум. Во претходните 12 месеци компаниите што го снабдуваат Пентагон им донесоа на сопствениците добивка од околу 40 отсто, а од почетокот на 2013 година се речиси двапати поскапи.
Индустријата на вооружувањето ја расцутеа целата низа нови геополитички кризни жаришта, кои почнуваат со Египет и Сирија, а завршуваат со експанзијата на радикалното движење Исламска држава.