Грчева: Раководството на СДСМ веќе го нема мојот респект!


Солза Грчева преку нејзиниот профил на Фејсбук ја извести јавноста за нејзината одлука да ја повлече оставката од функцијата пратеник во Собранието на РМ. Го пренесуваме во целост нејзиното образложение за овој чин:

Solza1„Јас вчера ја повлеков својата претходно дадена оставка на местото пратеник во Собранието на РМ. Оставката ја дадов со надеж дека постои стратегија за „денот после“, дека одговорност ќе понесат сите за изборниот резултат. Тоа не се случи. Затоа со овој чин сум во склад со мојот став дека овој начин на „бојкот“ нема да донесе ништо добро во борбата за враќање или уште повеќе, сега веќе и за воспоставување на демократијата кај нас. Таа треба да се води со сета жестина и во институции, но и на секој друг легитимен начин. Треба да се освојува, а не да се отстапува тешко освоениот простор. СДСМ и здружената опозиција ги фрли нашите места за да бидат пополнети од други партии, кои за многу кусо време ќе се легитимираат како „опозиција“. Со овој факт не можам да се помирам. Дополнително, и граѓаните кои гласаа за мојот мандат покажуваа крајно незадоволство што нивниот пратеник, наместо во Собрание со пратенички имунитет, отсега ќе ги брани нивните права најмногу во куќен совет.

Сите дебати кои ги водев во партијата и многу други покрај мене, за тоа дека може да се бојкотира на поинаков, поделотворен начин, беа отфрлени. Уште од првата моја дискусија бев етикетирана како некој кој оди „спроти вода“. Пратениците беа третирани како луѓе чии мислења никако не можат да влијаат на целиот процес и борба. Јас такво недемократско однесување не прифаќам, дотолку повеќе не од партија која во своето име носи атрибут „демократска“. Иако сите ние сме се нашле на листите за пратеници на партијата, тоа не се случајни луѓе, туку луѓе со капацитет, личен став и интегритет. Луѓе на кои им верувале гласачите. Затоа не држи тврдењето дека „партија донела, партија однела“. Не, треба еднаш да се разбере концептот и тежината на поимот народен пратеник. Впрочем, затоа пратеникот лично дава или повлекува оставка.

Дека сум била во заблуда дека се работи за демократска партија, говори и оркестрираниот напад од разни „наши“ медиуми врз мене со огромна колекција на лаги и конструкции. Бев подложена на хируршки зафат како „диво месо“ кое треба итно да се отстрани за да не ги зарази другите. За таа цел, дури ми беше отворено наложено, итно да си ја повлечам оставката. Раководство на партија кое вака лесно се откажува од борци како мене, од луѓе кои сиот свој интелектуален капацитет и го ставиле на располагање, го нема повеќе мојот респект.

Конечно, за мене бојкотот ќе беше делотворен, ако кон нас се приклучеа и градоначалниците, советниците, претседателот на ДИК, членови на разни совети и комисии, односно секаде каде што партијата има свои претставници. Сето тоа, во комбинација со граѓанска непослушност, можеше да доведе до делегитимирање на власта. Но, за ова не смееше да стане ни збор.Ако пак еден ден се случи враќање на пратениците на опозицијата во пратеничките клупи, само ќе биде потврда на мојот првичен став. Но, нема да ги амнестира оние кои жестоко ме напаѓаа поради тоа.

Јас останувам жесток борец и левичар и ќе го давам максимално својот придонес за рушење на овој режим и за воспоставување на демократски институции.“

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1