Граѓанската опција на Македонија – ГРОМ цени дека методата на уцени и закани е својствена само на терористички организации, но не и на политички партии и затоа бара од надлежните правосудни институции да спроведат транспарентна законска истрага за прислушкувањето на државните функционери и извршителите да одговараат согласно законските прописи.
– Во спротивно, се воведува опасен политички преседан на користење аудиовизуелни техники во борбата меѓу политичките субјекти, како методите на следење, изнудување,… и земјата ќе биде втурната во невиден хаос и беззаконие, рече Љупчо Пренџов на денешната партиска прес-конференција.
Тој праша зошто разузнавачките служби би му ги дале податоците на Зоран Заев од прислушкувањата и што за возврат дал или ќе даде.
– Ние во Македонија имаме закон со кој се жигосуваат луѓе кои соработувале со домашните тајни служби, кои во тоа време го штителе уставниот поредок, а сега имаме лидер на опозицијата кој јавно призна дека соработувал со странски разузнавачки служби. Веројатно Заев не мисли дека постои некој што ќе поверува дека странските разузнавачи и службите со кои соработувал и мислат повеќе добро на земјата отколку власта која легитимно ја добила довербата од сопствените граѓани, заклучи Пренџов.