Грција упатила протестни ноти до Македонија и Србија во кои предупредува дека доколку двете земји не ги променат своите позиции во однос на мигрантската криза тоа ќе се одрази на билатералните односи. Во нотата, како што објавува грчкиот весник То вима, протестот повеќе се однесува на властите во Скопје кои имаат потврд став во справувањето со бегалците затоа што во последните денови речиси сосема ја затвориле границата и не пропуштаат бегалци.
Од македонското Министерство за надворешни работи не протврдуваат ниту демантираат дека вчера примиле ваква нота, а засега немна најавено ниту реакција.
Овој потег на официјална Атина доаѓа непосредно пред клучниот самит на Европската Унија и Турција што треба да се одржи в понеделник во Брисел кога се очекува да се донесе конечен план како да се запре напливот бегалци кон земјите на Унијата, при што се разгледува и опцијата за затворање на балканската рута.
Овој протест од грчка страна уследи и по изјавата на шефот на дипломатијата Никос Коѕијас дека Македонија била злоупотребена од Австрија и Унгарија во бегалската криза затоа што се надевала дека од нив ќе добие помош за прием во ЕУ и НАТО. Иако Коѕијас тврдеше дека тоа не влија на односите на двете земји во понеделникот без образложение беше откажана третата по ред средба на претставници на двете министерства за надворешни работи околу мерките за градење доверба меѓу Македонија и Грција.