Грција и Европската агенција за погранична контрола – Фронтекс досега во Турција вратиле 1.329 мигранти, согласно договорот меѓу ЕУ и Анкара од март 2016 година, јави ДПА, повикувајќи се на податоци на грчката полиција.
И покрај тоа, на грчките острови и натаму има околу 13.000 бегалци и мигранти кои чекаат да им бидат разгледани барањата за азил. Мигрантите останаа блокирани на островите откако земјите низ кои минуваше т.н. „Балканска рута“ до Европа ги затворија границите за бегалците и мигрантите пред 18 месеци. Претходно, повеќе од еден милион луѓе преминаа преку Македонија, Србија, Унгарија и Хрватска на нивниот пат кон побогатите земји на ЕУ.
Во текот на последните 20 месеци, дополнителни 1.197 лица беа вратени, согласно билатералниот договор меѓу Грција и Турција, а 1.402 одлучиле доброволно да се вратат во соработка со Меѓународната организација за миграција.
Според договорот меѓу ЕУ и Анкара, секој мигрант што пристигнал од Турција по 20 март 2016 година нема право да аплицира за азил и ќе биде вратен. Лицата кои веќе пристигнале на грчките острови пред тој датум се пријавуваат за азил, по кој можат да добијат дозвола да влезат во ЕУ или да бидат вратени.