Поранешниот солунски префект Панајотис Псомијадис по налог на судот ќе мора да му плати 15.000 евра на поранешниот европарламентарец од грчката партија на зелените, Михалис Тремопулос, бидејќи го навредил оти не бил патриот за македонското прашање, пренесува Дневник.
Псомијадис доби тужба од европратеникот од партијата на зелените пред две години поради тоа што во телевизиски емисии го нападна Тремопулос дека бил единствениот грчки европратеник што дал зелено светло за извештајот за Македонија. Во тоа време, солунскиот префект, кој беше на суд поради злоупотреба на службената положба, кажа дека некој сака да го замолчи поради неговите ставови за Македонија. Псомијадис побара наместо со него, јавноста да се занимава со антигрчките изјави на грчките пратеници, споменувајќи ја посетата на Тремопулос во Скопје, на заедничка дебата со партијата ДОМ за градење нуклеарни централи во регионот.
Патот до тужба
Ваквите изјави на Псомијадис го налутија европратеникот од редовите на зелените и го натераа да поднесе тужба.
– Бев во Скопје за соработка со тамошната партија на екологистите против изградба на нуклеарна централа на само 12 км од грчката граница. Наместо да ни се честита за оваа иницијатива, Псомијадис и неговите поддржувачи сакаат да н` вмешаат во оваа приказна за пропаганда и антигрчки позиции – рече пред две години Тремопулос.
Инаку, Тремопулос не е единствениот грчки политичар што беше обвинет дека нема доволно тврди ставови во однос на прашањето за името. Антимакедонската сабја пред пет години заигра во ПАСОK. Тогашниот советник за политички комуникации, Григорис Валијанатос, беше избркан од партијата бидејќи во телевизиска емисија кажа дека соседната земја треба да се нарекува Македонија и дека постои македонско малцинство во Грција. Иако кажа дека ваквите ставови се негово лично мислење, не му помогна. Следното утро ПАСОK издаде соопштение со кое ја информира јавноста дека договорот со Валијанатос е поништен затоа што изнел „лични ставови“, кои не биле во согласност со партиската линија. Валијанатос, кој сега е претставник на Либералната партија, за „Дневник“ вели дека с` уште го сметаат за предавник поради неговите ставови за македонското прашање.
Грчката опозициска партија СИРИЗА, пак, го отстрани својот претставник Насос Теодоридис од Парламентарната комисија за човекови права откако на социјалните мрежи промовирал промакедонски и протурски ставови.
Дневник