Грците купуваат златници во Македонија за да не им пропаднат заштедите во евра, тврдат во битолската чаршија, информира Мета.
– Кризата ги натера Грците, заштедите во евра да ги преточат во златници. Кај нас златото е поевтино, па бараат златници по нашите златарници или купуваат големи парчиња златен накит. Половина златник кај нас чини околу 10.000 денари – вели наш соговорник, дуќанџија во Старата битолска чаршија.
Според него, по злато Грците почнале да одат и во Прилеп, Кичево и во Дебар.
Грците доаѓаат и по поевтин бензин и по цигари во Битола. Продавач на бензин во една од бензинските пумпи лоцирани накај граничниот премин Меџитлија, тврди дека Грците од северот на земјата доаѓаат само до бензинските пумпи и веднаш се враќаат назад.
– Ние не чувствуваме некоја разлика од порано пред грчката криза. Автомобили со грчки регистарски таблички доаѓаат, точат бензин и купуваат цигари – вели нашиот соговорник.
Наспроти ваквата слика, Грците сè поретко може да сретнат на зелениот пазар во Битола и по бутиците за облека и за чевли.
Со стравувања дека преку граница не можат да изнесат зеленчук, овошје и храна од Македонија, битолските дуќанџии велат дека прометот им е паднат на половина. Според нив, грчката криза удира и по нашата економија во пограничниот регион.
– Од Грците го вадевме ќарот, ама сега ги нема, не трошат ниту евро. Ако поминат на пазар, ги молам да земат грав и ориз, ама не купуваат, велат дека на граница им ги фрлаат најлоните со храна. Затоа велам дека нивната криза е и наша криза – вели продавачка на зелениот пазар во Битола.