Груевски го честита празникот Илинден и порача: Да зрееме заедно


Фејсбук статусот на Никола Груевски содржи и препорака да се погледа документарниот филм „Пиринска Македонија“:

“ДА ЗРЕЕМЕ ЗАЕДНО”
(Зоран Заев)

Со нашиот сосед Бугарија имаме големи позитивни периоди низ историјата.

На пример во време кога тие се кнежевство, а и подоцна кога се држава со сите атрибути, многу од револуционерите на ВМРО од Вардарскиот и Егејскиот дел на Македонија (под Османслиска, Српска или Грчка власт) во тешки ситуации времено прибежиште наоѓаат токму на територијата на Бугарија, пред најчесто повторно подоцна да се вратат на бојното поле. Тоа е многу значајно и не смее да се заборави.

Исто така, набрзо по падот на фашистичката влада во Бугарија во септември 1944 година, новата антифашистичка власт во Бугарија иако при самиот крај пред ослободувањето сепак испраќа војска за да помогне во ослободувањето од фашизмот во Македонија и барем симболично да ја подобри сликата од претходните неколку години за време на фашистичката окупација на Македонија.

По референдумот за независност во 1991г. Р.Бугарија е првата држава која ја признава Р.Македонија под уставното име, а претседателот Ж.Желев е личноста која набрзо издејствува признавање и од Руската Федерација, која беше трета земја која не призна под уставното име (втората беше Турција).

Подоцна во времето на двојното ембарго Бугарија беше единствениот сосед од каде Македонија во тоа кризно време се снабдуваше со нафта. Следеа и позитивни придвижувања во однсите во времето на владата на ВМРО-ДПМНЕ 1998-2002 итн.

Сепак, има и негативни периоди. Втората светска војна секако е тоа.

Низ историјата не помагале само Бугарите на Македонците. Илјадници Македонци под водство на ВМРО ги дале своите животи во состав на Бугарската армија во балканските војни и во првата светска војна, верувајќи дека на тој начин Македонија во нејзините етничко географски гранци ќе дојде до автономија или независност, или независност во рамки на некоја федерација, балканска, југословенска или бугарска федерација.
Во балканските војни на страна на Бугарија се приклучија околу 14.000 Македонци во доброволствата, а во првата светска војна околу 34.000 Македонци се вклучени во 11тата Македонска дивизија.

Петар Дрвингов во книгата Историја Македонско-Одринските доброволци (страна 55, Македонски превод) јасно посочува дека Бугарија намерно ги праќала доброволствата на други страни од страв дека ќе се борат за автономија на Македонија.

Но, некако низ целиот период се провлекува едно прашање како клучен проблем и креатор на сите меѓусебни недоразбирања и проблеми.

Кога тоа прашање не би постоело, меѓу нас денес речиси не би имало проблеми и односите, довербата и блискоста ќе беа на далеку повисоко ниво. Тоа прашање е одбивањето да ја признаат нашата ПОСЕБНОСТ. Блискост, но сепак посебност како Македонци, но не само од 2-ри август 1944 година, туку и пред тоа.
И последователно на тоа, постојаното проблематизирање на Македонците и “Македонизмот”, како што тие го нарекуваат.
Силна потреба и упорност, многу активности честопати и многу непријатни од нивна страна. Од негирањето на ПОСЕБНОСТА КАКО НАЦИЈА ПРЕД 1944 произлезе и негирањето на јазикот, македонскиот јазик.

Во тој контекст, во одбрана на тезата дека посебноста на Македонците е реален факт и не само некакво наметнато убедување од комунистичката власт и режим на Југославија, говорат и овие луѓе во овој 30 минутен документарен филм снимен во далечната 1990 година во Бугарија непосредно по падот на Тодор Живков.

Овие илјадници луѓе кои ќе ги видите собрани на чествувањето на 75 годишнината од смртта на Јане Сандански, се сите родени и израснати на територијата на Р.Бугарија. Не само што се декларираат за Македонци по националност и етникум, туку јасно нагласуваат блискост но и ПОСЕБНОСТ од бугарската нација. Тие со лични изјави сведочат со каква тортура се соочиле од комунистичката власт на Бугарија само заради фактот што се декларирале за Македонци по националност и што сметале и јавно говореле дека тоа е посебна нација од Бугарската.
Овие илјадници насобрани луѓе, и покрај тоа што како што самите сведочат им го забраниле протестот и им ги стопирале автобусите кои однапред ги платиле, што сигурно одвратило многумина, не само што не биле под влијание на југословенската комунистичка власт, туку веројатно е дека, имајќи во обзир дека во тој период на комунизмот Бугарија беше прилично затворена земја и патувањето во Југославија речиси недозволено (освен оние ретки гранични средби), доста веројатно е дека овие луѓе никогаш не стапнале во Југославија, ниту пак југословенските служби имале можност да вршат масовна пропаганда на територијата на Бугарија под строг комунистички режим. Оттука, кога се говори за ‘’зреење’’ корисно и демократски би било и бугарската јавност, преку бугарските медиуми да ги погледне овие СВЕДОШТВА на нивни граѓани, граѓани на Р.Бугарија – Македонци и низ денешната европска реалност, да видат што пак нивната комунистичка власт правела на нивните граѓани по националност декларирани Македонци и на кој начин со децении се вршела присилна асимилација на Македонците во Бугарија.
Во тој контекст ќе потсетам на пописот во Бугарија во 1946 година кога во Бугарија беше дозволено изјаснување како Македонец и кога само во Пиринска Македонија се регистрираа 180.000 Македонци. Тука би го спомнал и донесувањето на моштите на Гоце Делчев од Бугарија во главниот град на Македонија како негова желба-завет дека сака да почива во главниот град на независна Македонија, како и да потсетам и на линијата на поворката: сите градови во Пиринска Македонија, па федерална Македонија и Скопје, како тогашна симболика во контекст на преговорите на двата лидери Димитров и Тито за присоединување на Пиринска Македонија кон Народна Република Македонија. Преодна етапа кон тоа била културната автономија на Пиринска Македонија: училишта на Македонски јазик, театри, весници на Македонски јазик, учители од Македонија.

Гледајќи го овој документарен филм добро е нашите соседи да размислат вреди ли толку многу години негативна енергија, гнев, човечки жртви, блокади, нервози и проблеми меѓу земјите со една апсурдна потреба за континуирана закана и уцена дека нема да влеземе во ЕУ ако не прифатиме да си ја прекројуваме историјата и со тоа идентитетот, колку и денес да имаше дипломатски обиди да се одбегне да се каже тоа така директно, но сепак илјадници пати претходно јасно и јавно кажано во Бугарските медиуми.
И конечно, што одкако ќе влеземе. Како потоа ќе не сопрат, она што со притисок и уцена сме го прифатиле, да не го промениме повторно.

Се надевам ова видео малку ќе помогне да се размислува и од друг агол кај нашиот сосед.

Препорачувам и актуелното раководство на Македонија помеѓу две местења тендери, меѓу два рекета на бизнисмени, или помеѓу два разговори со “Порошенко” да најде време да го погледне ова видео.
Со обзир дека видовме колку “заедно зреевме” со Грција, насловот го одбрав за сеќавање на овие зборови од страна на авторот, особено во случај ако годинава или следната, добиеме датум за почеток на преговори за членство во ЕУ.

Честит Илинден на сите граѓани на Македонија. Нека е вечен овој голем и светол празник на Македонците. Нека Св.Илија донесе посветла иднина на Република Македонија и народот во неа.
И на соседите, се разбира.

(Доколку немате време да го гледате целиот 30 минутен документарен филм, напоменувам дека најважните моменти се од 9:05 до 29:30 ).

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1