Груевски со пораки до кандидатите за нов претседател на ВМРО-ДПМНЕ


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски преку социјалните мрежи испрати порака до кандидатите за иден претседател на партијата, нивните соработници и делегатите на Конгресот на кој ќе се бира следниот партиски лидер.

-Поминаа три дена од одлуката за одржување на вонреден Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ. Собирањето потписи за поддршка и внатрепартиската кампања започна.

Чувствувам потреба да испратам неколку пораки до кандидатите и потенцијалните кандидати за претседател на партијата, до нивните соработници во нивната внатрепартиска кампања, до делегатите на Конгресот и до партиските тела и членови.

1. Сите кандидати и нивни соработници, како и сите делегати и општински и месни комитети имаат сериозна одговорност процесот на кандидирање и избор на нов претседател да помине во максимално мирна, фер и демократска внатрепартиска атмосфера и натпревар.

2. Доколку некој потенцијален кандидат побара од претседател на општински комитет(ОК) да свика состанок на ОК во проширен состав и да ги повика делегатите од неговата општина, со цел кандидатот да се престави себе, својата визија и програма пред присутните, треба веднаш да го направи истото без одлагање и без селективност и покрај другите да ги покани и делегатите на Конгресот, а истите се должни да присуствуваат на таков состанок.

Секој кандидат за претседател треба да има подеднакви шанси за себе преставување пред комитетите и делегатите каде што ќе побара средба. Доколку биде побарана средба и со месните комитети (МК), исто така треба да се овозможи брзо, на било кој потенцијален кандидат кој собира или собрал потписи од делегатите. Покана за присуство треба да добијат сите членови на ОК во проширен состав или МК доколку така побара кандидатот.

Доколку било кој кандидат има проблем во врска со ова, потребно е веднаш да ја информира правната комисија на партијата, а доколку оцени за потребно може да ме информира и мене, со цел поддршка за побрзо остранување на било каква препрека од ваков тип.

3.Кандидатите не смеат да се делат според сегашниот нивни статус и функција во партијата. Секој член на партијата кој влегува во изборна трка треба да добие ист третман, фер однос, еднакви шанси за претставување и максимална отвореност од секој делегат, ОК или МК во контекст на негово претставување. Не треба да има било каква привилегија за оние кои во моментот се на повисоки партиски функции, во однос на оние кои не се.

Доколку било кој кандидат има забелешки во врска со ова, потребно е веднаш да ја информира правната комисија на партијата, а доколку оцени за потребно може да ме информира и мене, со цел поддршка за побрзо остранување на било каква препрека од ваков тип.

4. Оние кандидати кои во моментот се на повисоки партиски функции, не смеат да ја злоупотребуваат партиската инфраструктура, логистика, функционерите кои хиреархиски им се подредени и воопшто не смеат да ја користат моменталната партиска функција во контекст на актуелната внатрепартиска кампања и преставување, собирање потписи и било каква друга активност која е во целите на нивната лична кампања за претседател на партијата.

5. Апелирам кон кандидатите за претседател на партијата во процесот на собирање потписи да не користат никакви форми на притисок, заплашување, закани, уцени, измами, изнудување или било која друга нечесна и нерегуларна форма и начин при собирањето на потписите. Доколку во овие три изминати дена некој од делегатите во вакви околности се потпишал на нечија кандидатура, го информирам дека треба писмено да ја информира правната комисија на партијата и писмено може да го повлече својот даден потпис за некој од кандидатите. Доколку оцени за потребно може да ме информира и мене лично со цел да влијаам на побрзо покревање на прашањето во внатрепартиските тела.

6. Посебно сакам да нагласам дека доколку било кој го злоупотребува моето име како долгогодишен претседател на партијата, во контекст на собирањето потписи за поддршка и во контекст на гласањето, треба да се знае дека станува збор за лажно преставување и информирање, и доколку тоа е пресудно при носењето одлука за поддршка, треба да се одбие давањето подршка или глас.
Никого од кандидатите не сум овластил да се повикува на моја наводна експлузивна поддршка, заради собирање потписи за подршка или гласање. Ниту еден мој соработник, пријател, роднина, колега или било кој сопартиец.

7. Повторно апелирам во процесот на кампања, собирање потписи и преставување, кандидатите за претседател, но и лицата кои тие ги имаат овластено и ангажирано за теренски или било какви други активности во нивната кампања да внимаваат и да се грижат за угледот, достоинството и честа на противкандидатите. Да не користат навредливи, омаловажувачки, потценувачки, невистинити, компромитирачки или какви други зборови со кои ќе го девалвираат противкандидатот или потенцијалниот противкандидат. Да не заборавиме на достоинството на конкурентот, единството во партијата, заедништвото, пријателството, сопартиството и дека сите се бориме за иста кауза, имаме иста идеологија, и заеднички политички противник. Да не заборавиме дека по 10 дена ќе заврши Конгресот и изборот на нов претседател, ќе треба да се погледнеме во очи, и секој на еден или на друг начин ќе биде потребен во натамошната политичка борба против СДСМ, а во целите за понапредна, постабилна и попросперитетна Македонија.

8. Кандидатите за претседател не смеат да заборават во ниту еден момент, дека се кандидати за претседател на Внатрешната Македонска Револуционерна Организација-Демократска Партија за Македонско Национално Единство. Тоа е голема чест, но и голема одговорност. Секој треба да биде на нивото кое сите членови го очекуваат од него и со ништо да не го наруши угледот на партијата и на другите кандидати, да се однесува според правилата за фер плеј и согласно основните морални начела.
Оној кој делувајќи спротивно од овие препораки сега во оваа фаза ќе го наруши угледот на партијата и конкурентите во партијата, не е достоен да биде претседател на ВМРО-ДПМНЕ и делегатите треба да го имаат во предвид ова.

Со почит,
Никола Груевски

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1