Хан и Могерини: Вратите на ЕУ се отворени, сега е до вас да одите напред


Патот напред е јасен. Тоj води кон вашето членство во Европската унија. За да го остварите тоа, сите политички сили ја делат одговорноста за одржување конструктивен дијалог и продолжување на аспирациите на граѓаните, особено преку реформи во владеењето на правото, безбедносните служби, јавната администрација и функционалната пазарна економија.

Ова во заедничка изјава, објавена на официјалната веб страница на ЕУ, го наведуваат високата европска претставничка Федерика Могерини и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.

– Овие начела лежат во срцето на европската успешна приказна. Тие се, исто така, она што го бараат граѓаните на вашата земја, сакаат и заслужуваат. Ова е нашиот заеднички пат: колку повеќе Скопје ги задоволува потребите на своите луѓе, толку побрзо ќе напредува кон полноправно членство во ЕУ, пишуваат Могерини и Хан во заедничката изјава објавена на https://eeas.europa.eu/.

Натаму тие наведуваат дека историскиот договор меѓу Скопје и Атина ги направил горди Европејците и оти тоа е стратешки договор за двете земји и за цела Европа.

– Тоа покажува дека дури и најчувствителните прашања поврзани со историјата можат да се решат, со храброст и визија. Двајцата бевме присутни на церемонијата на потпишување на Преспанското Езеро. Она што го видовме, дополнително ја зајакна нашата верба во континент обединет и во мир, со европската перспектива за Западен Балкан како двигател на стабилноста на регионот, наведуваат тие.

Истакнуваат дека изминатава недела членките на ЕУ го потврдиле тоа достигнување и поставиле јасен пат кон отворањето на пристапни преговори во јуни 2019 година.

– Ние веднаш почнавме да работиме на ова ново, заедничко поглавје, при што Европската комисија започна подготовка за разговорите за пристапување. Со нетрпение очекуваме да работиме со вас и да пристапите кон овој нов предизвик со истата решителност што ве доведе до неодамнешни успеси, велат Хан и Могерини.

Оценуваат до неодамна земјата била во длабока политичка криза, но успеала да го надмине тоа и да продолжи со клучните реформи, не за Брисел туку за сите луѓе во земјата.

– Постигнавте договори со Бугарија и Грција, залагајќи се за нова динамика на соработка во Југоисточна Европа и отворање на вратите за инвестиции, работни места и економски раст. Сите овие позитивни чекори се инспирација за целиот регион, наведуваат двајцата високи европретставници.

Додаваат дека од нивна страна, Европската комисија веќе ја започнала потребната подготвителна работа кон јуни 2019, вклучувајќи идна преговарачка рамка и оти поддржуваат продолжување на реформите, како и тоа дека секој има улога во овој историски процес.

– Единство, храброст, одговорност и прагматизам од сите ќе бидат од суштинско значење. Сите политички групи и партии, локалните власти и граѓанското општество треба да ја преземат одговорноста за овој процес и заедно да ја подготват основата за преговорите, наведуваат Хан и Могерини.

Според нив, работата во годината што следува е инвестиција во интеграцијата на земјата во ЕУ.

– Секој чекор се брои. Одење по овој пат не само што ќе ви овозможи да ги отворите преговорите, туку да го направите тоа на најефикасен начин. Во моментот кога официјално ќе се отворат преговорите, вие веќе ќе бидете на брз колосек, посочуваат тие.

На крајот истакнуваат дека вратите на Унијата се отворени и оти патот на земјата кон ЕУ станал неповратен.

– Сега е до вас да одите напред на овој пат кон иднината на заеднички просперитет и безбедност. Тоа е слободна и суверена одлука на вашиот народ – на никој друг. Нашиот сон за обединет европски континент лежи во Вашите раце, заклучуваат во заедничката изјава посветена на земјава двајцата високи европски претставници.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1