Хенри Кисинџер го советувал Трамп да ја прифати анексијата на Крим


Поранешниот американски државен секретар Хенри Кисинџер (93) го советувал новоизбраниот претседател на САД Доналд Трамп да ја прифати руската анексија на Крим, откриваат лондонски медиуми, повикувајќи се на неименувани дипломатски извори.

Овие извори тврдат дека Кисинџер веќе е поставен во своевидна улога на посредник меѓу Трамп и рускиот претседател Владимир Путин, откако претходно го пофали Трамп, а потоа, на неколкупати се има сретнато со новоизбраниот претседател, во неговата „Трамп Тауер“ во Њујорк.henri-kisindjer

Дел од европските медиуми проценуваат дека остарената, некогашна ѕвезда на американската дипломатија, би можел да „спречи нова Студена војна“.

Се тврди дека Кисинџер работи за изградбата на нова платформа за односите на САД со Русија.

Основата на таа платформа се тврди дека би било останувањето на Крим во рамките на Руската федерација, во замена за повлекувањето на силите, оружјето и опремата на Москва од Источна Украина, што сега ја користат бунтовниците кои војуваат против властите во Киев.

Доколку се постигне таков баланс, Русија би добила и укинување на санкциите.

Лондонските медиуми велат дека нема детали за еден ваков план, но американски дипломати, блиски до Трамп, имаат изјавено оти Кисинџер има направено „проект за Украина“.

Минатата недела, интернет весникот „Политико“ посочи дека Кисинџер е еден од ретките Американци кој имал можност почесто да се среќава со Путин, исто онака како и претседателот на Извршниот одбор на „Ексон-Мобил“ Рекс Тилерсон, определен од Доналд Трамп за иден државен секретар на САД.

Кисинџер, како и Трамп, има резерви кон тврдењата на американското разузнавање дека Русите се мешале во изборите во САД, дејствувајќи во корист на Трамп, иако Кисинџер се согласува дека Русија го користи хакирањето како свое оружје.

Доналд Трамп, во меѓувреме, ја има сменето својата позиција кон Крим.
Веднаш по анексијата, во март 2014 година, тој ја осуди руската постапка. Во август годинава, во едно интервју, Трамп рече дека „луѓето на Крим, колку што тој забележува, повеќе би сакале да бидат со Русија, отколку таму каде што беа досега“.

Хенри Кисинџер беше државен секретар во админстрациите на Ричард Никсон и Џерал Форд, а подоцна стана еден од највлијтелните аналитичари во светот за меѓународните односи. Тој е силен застапник на тоа дека балансот на силите меѓу САД и Русија ќе ја подобри глобалната стабилност.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1