Дента кога ги удиравме темелите на џамијата во Бузалково покрај градилиштето поминуваше еден комшија, за кој знам дека е христијанин. Ме праша што ќе градиме тука, а јас му одговорив дека ќе биде џамија. Тој се фати за џебот и извади 500 денари, ми ги даде и ни посака среќа. Тоа е гест за почит на човек што е верник и кој ги почитува сите вери. А има повеќе примери кога христијаните доаѓаат кај мене иако сум исламски свештеник. Бараат совети, помош…, вели за Дневник имамот Мејаз Мурати, кој со години работи во велешкото село и кој во еден период беше и велешки муфтија.
Во земјава постојат повеќе христијански и исламски храмови и светилишта во кои доаѓаат припадници на „другата вера“ за да си упатат молитви за здравје, среќа, благосостојба…Исламските верници, на пример, најчесто одат во големи манастирски центри какви што се „Свети Јован Бигорски“, „Света Богородица – Пречиста“, „Свети Наум Охридски“, „Свети Јоаким Осоговски“… Kога тие влегуваат во христијански храм најчесто застануваат пред иконата на одреден светител и се молат. Некогаш од нас бараат да им очитаме молитва и каноните предвидуваат да им читаме еден псалм што се однесува за луѓе кои не се крстени. Во манастирот „Свети Наум“, пак, најчесто застануваат пред гробот и таму се молат – ни вели дебарско-кичевскиот владика Тимотеј.
– Има и такви што доаѓаат да побараат лек од нас, на кои им треба материјална помош оти се сиромашни. Им помагаме колку можеме и духовно и материјално. Некои ја посетуваат џамијата. Не можете да очекувате тие луѓе да учествуваат во наши исламски обреди бидејќи сепак се работи за луѓе од различна вера – ни објаснува имамот Мурати.
Во кичевскиот манастир посветен на Пресвета Богородица и самата внатрешност на црквата е направена така што претставува духовен храм за сите верници, без оглед дали се христијани. Внатрешноста на црквата е направена така што под ист покрив можат да се собираат и христијаните и муслиманите, кои еднакво ја почитуваат светицата. Делот посветен на муслиманите се разликува по тоа што не е фрескоживописан.
Искуствата покажуваат дека прославувањето на Ѓурѓовден е повод во некои светилишта да доаѓаат и христијани и муслимани. Таков е случај и во Македонски Брод, каде што со векови различните верници доаѓаат во малиот храм, кој православците го нарекуваат црквата на свети Никола, а исламските верници теќето на Хадар-баба, кој го слават припадниците на бектешкиот ред во исламот. Во внатрешноста на храмот можат да се најдат и христијански и исламско-бектешки симболи. Тука е сликата на основачот на бектешизмот, Хаџи вели Бектеш, исламскиот светец Али, братучед на пророкот Мухамед, кој посебно се слави меѓу бектешите, слика на 12 имами, икони на Исус Христос, на Пресвета Богородица, свети Никола и на други христијански светци.
Целата сторија на – Дневник