Американското Федерално истражно биро(ФБИ) ги охрабрувало, а понекогаш и ги плаќало муслиманите да изведуваат терористички дела за време на многубројните „операции на замки“ по нападите на 11 септември 2001 година, соопшти организацијата Хјуман рајтс воч.(ХРВ)
„Далеку од тоа дека ги штитела Американците, вклучувајќи ги и американските муслимани, од терористичките закани, полицијата, како што е документирано во овој извештај, го пренасочила спроведувањето на законот од следењето на вистинските закани“, се вели во извештајот на ХРВ.
Со помош на Институтот за човекови права при Универзитетот Колумбија, оваа организација испитала 27 случаи од почетокот на истрагата па сè до судењето, интервјуирајќи 215 луѓе, вклучително и оние кои се обвинети или осудени во случаи поврзани со тероризам, нивните блиски, адвокатите на одбраната, обвинителите и судиите.
„Во некои случаи ФБИ можеби создавал терористи од поединци кои го почитувале законот предлагајќи им да преземат терористичка акција или охрабрувајќи ги да делуваат во таа насока“, се наведува во извештајот на ХРВ.
Во испитаните случаи, половина од осудителните пресуди произлегле од „операциите на замки“, а во 30 отсто од тие случаи таен агент играл активна улога во заговорот. ХРВ го обвини ФБИ дека често „врбува“ луѓе со ментални проблеми или низок коефициент на интелигенција.
„Американската влада би требало да престане да ги третира американските муслимани како „терористи на чекање“, се заклучува во извештајот.