Амбер Херд ги донира сите пари кои ги доби од бурниот развод со Џони Деп.
30-годишната актерка и 53-годишниот актер пред три дена постигнаа спогодба за развод според која Херд доби 7 милиони долари. Но, таа изјави дека парите не ѝ се важни и одлучи сите да ги донира за жени жртви на семејно насилство и болни деца.
Парите ќе бидат поделени меѓу Детската болница во Лос Анџелес, каде Херд веќе 10 години работи како волонтер и невладината организација „American Civil Liberties Union“.
„Како што објавија медиумите, сумата која ја добив од разводот е 7 милиони долари и 7 милиони долари се донирани. Ова е далеку повеќе од сите суми кои некогаш сум ги донирала, а ќе продолжам да донирам и во иднина“ – рекла таа, објаснувајќи дека парите ќе бидат донирани во неколку организации со „посебен фокус да се спречи насилството кон жените“.
„Убедена сум дека овие организации добро ќе ги искористат средствата и ќе продолжам да ги поддржувам во иднина. Се надевам дека ова искуство ќе резултира со позитивни промени во животите на луѓето на кои тоа им е најпотребно“ – вели холивудската ѕвезда.
Во мај оваа година Херд побара забрана за приближување. Амбер го обвини својот сопруг за семејно насилство и објави фотографии на кои таа е со модринки по лицето.