И јас патував за Британија во камион-ладилник, преживеав, но 12 лица загинаа


Ми беше многу тешко кога ги видов вестите за 39-те лица кои беа пронајдени мртви во камион ладилник во Есекс. Јас на ист начин дојдов во Велика Британија, па слушајќи за приказните на овие 39 лица, се потсетив на ризикот со кој се соочуваат оние како мене, кои барајќи подобар живот, принудени се да го фатат тој пат за да се заштитат себеси или своите семејства.

Имав 17 години и живеев во Турција. Ми недостасуваше мојата баба во Сирија, па се вратив и имав што да видам. Војната зад себе оставила хорор. Баба ми ме предупреди дека ќе бидам убијен ако не си заминам. На 18 години требаше да служам војска. Ја избрав Европа бидејќи сакав да заминам што е можно подалеку од војната.

Се одлучив за Велика Британија бидејќи мислев дека таму ќе бидам подалеку од болните сеќавања од војната. Стопиравме во многу земји. За малку ќе умрев во Унгарија и бев 10 дена во затвор, каде полицијата ме мачеше, не ми даде ниту храна, ниту облека, ами само матна вода за пиење.

Оттаму бев пратен во српски затвор, од каде ми беше даден само еден ден за да ја напуштам земјата. По три месеци патување, завршив во Франција, каде поминав месец дена во камп за бегалци. Тогаш помислив дека би можел да одам во Велика Британија.

Имав три опции: да му платам не некој 3.000 евра за да ме шверцува таму, да се качам на воз иако знам дека мали се шансите да дојдам до таму, или да влезам во камион со ризик дека можам да завршам на некое несакано место.

Камионот ми се чинеше најдобар избор. Минатата година во Велика Британија порасна бројот на луѓе кои беа однесени во земјата со контејнери или камиони-замрзнувачи. Иако нема да ја знаеме вистинската статистика за бројот на илегалци кои влегле во земјата, помеѓу 2013 и 2016 година, таму имаше околу 27.000 апсења.

Таа ноќ следев група на луѓе и ги замолив да ме пуштат да влезам со нив. Никој од нив не зборуваше арапски, па не можев да зборувам со нив, но мислам дека беа од Иран, Авганистан и Виетнам.

Внатре во камионот беше замрзнувачки и сфатив дека камионот всушност превезува храна. Не знам колку долго бев таму, но бев речиси сигурен дека тука ќе заврши мојот живот.

По неколку часа не можевме да дишиме, почнавме да креваме врева за возачот да дојде и да помогне. Тој не знаеше дека сме внатре. Ја изгубив свеста и потоа се разбудив во болница во Велика Британија. Не знаев зошто сум таму и што се случило, а потоа го прашав докторот. Полицијата пронашла 14 лица во камионот, иако се обиделе да ги спасат сите, преживеале двајца. Јас и уште еден патник. Не можев да верувам колку сум имал среќа и сум останал жив, но не знаев како да се чувствувам – дали да плачам, дали да се обидам да заборавам на тоа што се случи.

Полицаецот ме праша дали сум добро, а јас му одговорив позитивно. Тој ме праша за другите 12 лица кои ги изгубија животите, а немале никакви документи со себе. Нивните семејства нема да дознаат што се случило со нив. Се чувствував беспомошно – знаев дека сум многу среќен што преживеав, но сепак година дена бев во депресија.

Аплицирав за азил и добив статус на бегалец, но според правилата требаше сам да се снајдам, иако немав каде да одам, без пари и незнаејќи англиски јазик.

Бев бездомник. Тоа е нешто многу лошо, треба да спиеш на студено и на дожд, немаш ништо и треба да продолжиш да се движиш. Не ти е дозволено да учиш или да одиш на работа, оти немаш дом. Луѓето те гледаат поинаку и се чини не сфаќаат дека ако си бездомник, не значи дека си и лоша личност.

По две недели најдов хостел за луѓе со ментални проблеми и лица кои користат дрога. Ми беше кажано дека како бегалец смеам да живеам таму бесплатно една година, а потоа ќе треба да си одам. Ми беше многу тешко бидејќи не се чувствував безбедно. Еден ден ја чистев кујната и некој се обиде да му убие удирајќи ме по главата.Потоа едно момче фрли противпожарен апарат кон мене. Тие не се лоши луѓе, само имаат проблеми.

Се обидов да работам, но и покрај тоа луѓето ме користеа бидејќи бев бегалец. Во еден ресторан бев платен 5 фунти за шестчасовна работа, а еден маж не сакаше да ми даде пари а работев пет дена. Тој ми рече дека тоа што сум ги бришел тоалетите било само тренинг.

Морав да се потпирам на добри луѓе за храна. Некогаш кога ќе се сетам на ова, станувам многу бесен. Бидејќи е погрешно. Бев толку исплашен дека кога ќе ми заврши годината во хостелот, повторно ќе бидам бездомник.

Потоа пријател ми кажа за Бегалци во домот, место каде луѓето нудат празни соби за бегалци. Ми беше најдено семејство во Кембриџ. Бев многу нервозен и исплашен дека тие само ќе ме користат, дека нивните деца ќе ме мразат бидејќи сум бегалец или бидејќи сум геј. Но, тие беа толку отворени и добри.

Живеев со нив три години и не знам што би правел без нив. Ме пратија на училиште и добив стипендија. Сега тие се моето семејство. Благодарение на нив почнав да се чувствувам сигурно, можев да размислувам за тоа што сакам да направам во животот, да учам, да работам. Сега имам добра работа и се чувствувам дека припаѓам.

Не знам како би изгледала мојата иднина. Многу сум благодарен што сум жив, посебно бидејќи во камионот мислев дека ќе умрам. Се сетив на војната низ која минав, патувајќи од едно до друго место со месеци. Се сетив на моето семејство и на сите оние кои ги сакам, како и тоа дека не би можел да им кажам збогум.

Моето срце сочувствува со сите 39 лица и нивните семејства. Никој не би требало да мине низ такво нешто, а сепак толку многу луѓе го прават тоа. Мразам што тоа уште се случува. Сакам да ја споделам мојата приказна за другите луѓе да ги отворат своите врати и да им дадат шанса како што ми беше дадена мене. Ако сите сме заедно како општество, може да направиме разлика. Но, прво мора да им ставиме крај на овие трагични камионски патувања.

Фарај Алнасер за „Метро

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1