Физичките лица кои остваруваат промет повисок од еден милион денари мора да плаќаат ДДВ и за тоа не треба да има никакви дискусии или дилеми, вели советникот во Министерството за финансии, Бранимир Јовановиќ. Додека во стручната јавност има низа дилеми околу тоа кои категории граѓани треба да бидат ДДВ обврзници, Јовановиќ е категоричен: „Обврзник е секое лице кое врши самостојна стопанска дејност.“– И тука нема никаква промена направена во изминатиов период. Ова е од секогаш, од самото донесување на законот за ДДВ односно од 1999 година. Прашањето што се поставува е зошто ова порано не се спроведувало?. Еден милион денари на годишно ниво се околу 16.000 евра што на месечно ниво се околу 1.400 евра. 1.400 евра отприлика заработуваат најбогатите еден процент од луѓето така што со оваа обврска да се плаќа ДДВ на прометот што надминува еден милион денари практично не се даночат сиромашните или најголем дел од луѓето, се даночат најбогатите еден процент од луѓето – вели Јовановиќ за Алсат-М.
УЈП првпат минатата година побара од физичките лица да се регистрираат како ДДВ обврзници, но по реакциите во јавноста немаше казни за оние кои не ја испочитувале обврската.