Се намалува бројот на членови во Советот за реформи во правосудството формиран од Владата. Доцна синоќа оставка поднесе професорката Мирјана Најчевска а нејзината одлука ја објави на својот фејсбук профил. Најчевска пишува дека оставката ја поднела писмено до Министерството за правда и во неа наведува дека нема намера да служи за залажување на граѓаните а нејзиното име да се користи во политички промени кои се нарекуваат правни.
-Изминатиот период јасно покажа дека ова тело е формирано само како параван за решенија кои се носат на друго место и служи за создавање лажна слика дека некаков експертски тим има влијание врз реформските процеси во правосудството. Фактички ова тело нема достап до никакви инфомрации, нема удел ниту во едно реформско решение и не учествува во анализите на законите кои се менуваат, пишува Најчевска во својата оставка која денеска не беше достапна да ја коментира оставката во Советот за реформи во правосудството.
Инаку пред Најчевска, оставка поднесе и универзитетскиот професор Гордан Калајџиев кој наведе дека Советот го доживува повеќе како декор на Министерството за правда и Владата отколку како вистински реформски совет за подобрување на правосудниот систем.
Во изминатиот период во јавноста се погласни се реакциите по најавените владини измени во правосудството. Минатата недела, и првиот човек на Судскиот совет Зоран Караџовски изрази сомнеж за ефикасноста на Советот.
– Гледаме дека адхок телото наречено совет за реформи во правосудството е составено од експерти кои што немале никакви допирни точки со судство или со судење освен ако како тужители или тужени се појавиле на суд. Точно е дека во нивните редови има и судии меѓутоа тие се повикувани индивидуално по воља на Владата односно Министерството за правда, вели Зоран Караџовски, Претседател на Судски совет.
Неодамна реагираа и од Академијата за судии и јавни обвинители.
– Самиот совет за реформи работи многу нетранспарентно и од таа причина знаете професорот Калајџиев ја напушти работата на советот и покрај тоа, колку што знам, се спрема измена на законот за Академија во која никој од постојните органи на Академијата не се вклучени ниту се консултирани за работењето на Академијата, вели Анета Арнаудова, Директор на Академија за судии и јавни обвинители.
Советот за реформи во правосудството работи вече половина година а е формиран како дел од владиниот план 3-6-9. Телото е составено од 17 надворешни членови и петмина од Министерството за правда. Според најавените реформи се предвидуваат измени во законите за кривична постапка, обвинителство, полиција, законот за извршување.