Пред Собранието и вечерва протести против договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратегиско партнерство. Граѓаните повторно ги упатија своите барања и го блокираа булеварот „11 октомври“ пред собраниската зграда
Тие ја повторија поддршката за претседателот на државата Ѓорге Иванов, кој најави дека нема да го потпише указот за Законот за ратификација на договорот, што беше донесен во средата.
За нив договорот е штетен и спротивен на македонските државни интереси. Тие повикуваат на најавениот референдум договорот за спорот за името да биде отфрлен.
Претставници на граѓаните кои повеќе денови протестираат очекуваат да бидат примени од претседателот на државата. Тие синоќа биле информирани од обезбедувањето на претседателот, дека според протоколот, средба ќе биде дополнително закажана и оти потоа ќе бидат повикани, но очекуваат тоа да се случи во следните денови.
Граѓаните носеа македонски знамиња и пееја македонски песни.
Протест е најавен и за утревечер.