Францускиот премиер Мануел Валс денеска изјави дека се идентификувани телата на 103 жртви на терористичките напади во париз и дека уште 20 до 30 чекаат на идентификација.
Според последниот биланс, во нападите од петок навечер загинаа најмалку 129 лица.
Голем број странски државјани се убиени во нападите во петокот вечерта во Париз, во кои според досегашниот биланс загинаа 129 лица , 352 се повредени од кои 99 се наоѓаат во критична состојба.
Меѓу загинатите се:
– Најмалку двајца белгиски државјани, според Министерството за надворешни работи на Белгија.
– Дваесет и девет годишниот Шпанец, Алберто Гонзалес Гаридо, според шпанските власти. Младиот Шпанец беше меѓу присутните, заедно со неговата сестра, на концертот во Батаклан.
– Еден 63-годишен Португалец кој живеел во Париз, а работел во транспорт на патници, според португалските власти. Тој загинал додека бил во близина на стадионот Стад де Франс во северниот дел на Париз.
– Двајца романски државјани, според Министерството за надворешни работи во Букурешт.
– Еден британски државјанин, соопшти Министерството за надворешни работи, а исто така, имало и повредени Британци, чиј број не е наведен.
– Две млади Тунишанки, сестри, кои живееле во Париз и едно лице од Сенегал чии родители се населиле во Крозот, а во Париз славел роденден, според неколку извори.
– Една Чилеанка е меѓу жртвите. „Тоа е внуката на нашиот амбасадор Рикардо Нунез“, изјави чилеанскиот сенаторот Изабел Аленде од Социјалистичката партија.
– Двајца Алжирци, жена на 40-годишна возраст и 29-годишно момче, се убиени во нападите според агенцијата АПС која се повикува на алжирски дипломатски извори.
– Една американска 20-годишна студентка од Државниот универзитет во Лонг Бич, Калифорнија. Ноеми Гонзалес допатувала во Париз како дел од универзитетската размена, тврди универзитетот.
Неколку Американци се меѓу повредените, точниот број не е одреден. – Ние им понудивме секаква можна конзуларна помош, изјави портпарол на американската дипломатија.
– Понатаму двајца Бразилци се повредени, според бразилската претседателка Дилма Русеф, од кои еден останува на болничко лекување.
– Еден Швеѓанец можеби е убиен, а друг повреден, според портпарол на шведската дипломатија.