Сите екипи на Штабот за заштита и спасување на Град Скопје во моментов интервенираат на терен во насока на оспособување на сообраќајниците каде се појавија поплавувања по невремето кое го зафати градот и се уште трае, информираат од Град Скопје.
Воедно, апелираат до граѓаните да останат во нивните домови и да не излегуваат со возила се додека не престане невремето и не се создадат услови за нормално одвивање на сообраќајот.
Во меѓувреме, по добиеното известување од Градоначалникот на Град Скопје, Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје апелира до граѓаните кои со своите патнички возила се заглавени на некои од поплавените критични места да останат во своите возила додека се повлече водата и да ја почекаат помошта од соодветните стручни лица од Јавните претпријатија на Градот.
Скопје е погодено од невреме, составено од обилни врнежи на дожд кои предизвикаа поплави на поголем број сообраќајници во Скопје, прекини во снабдувањето со електрична енергија и голем број скршени и паднати дрвја.
На територијата на Република Македонија во околината на Тетово се случи големо невреме проследено со силен дожд, ветер и грмотевици. Дирекцијата за заштита и спасување врз основа на добиените податоци од терен, Ве информира дека зафатени беа селото Бродец и село Шипковица. Патот меѓу двете села е одсечен во должина од 200 метри и оштетен во должина од 10 метри. Вработените на дирекцијата за заштита и спасување започнаа активности за координирање и процена на настанатата состојба за итно организирано решавање на истата.
Дирекцијата за заштита и спасување, продолжува да ја следи состојбата на теренот и за секоја нова настаната состојба во континуитет ќе ве известуваме