Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски уште утре да свика и закаже вонреден конгрес на кој ќе се гласа за негова доверба и преку кој ќе се консолидира партијата, повикаа и денеска од Инцијативниот одбор за конгрес на ВМРО-ДПМНЕ.
Од одборот посочија дека имаат се поголема поддршка од делегати на конгресот но потврдија и дека еден од најголемите поддржувачи е и поранешниот член на Извршниот комитет на партијата Сашо Мијалков.
„Во услови кога мандатот на сите членови на Извршниот комитет е истечен во услови кога мандатот на најголемиот дел од членовите на ЦК е исто така истечен единствениот легитимен партиски орган кој би можел да дискутира за состојбата на партијата е конгресот на ВМРО-ДПМНЕ“, вели Борче Стамов од Иницијативниот одбор.
Тој посочи дека и претходните претседатели на партијата Георгиевски и Груевски кои што ја раководеле партијата по повеќе од 10 години при првиот свој пораз си заминале од лидерската позиција и дека Мицкоски треба да ја следи оваа пракса.
Стамов не сакаше да открие од колку точно делегати имаат поддршка и дали некој од актуелните пратеници ги поддржува.