Откако го освои градот Харбал во северна Сирија, Исламска држава ја зацврсти опсадата на бунтовничкиот град Мари. Терористичката група зазеде нови територии од сириските бунтовници, кои се поддржани од САД, напредувајќи кон областа од која Турција и САД планираат да почнат нов фронт против групата.
Жестоките напади на ИСИС врз бунтовниците од Слободната сириска армија почнале во текот на ноќта, а екстремистите го опколиле овој град на само 20 километри од границата со Турција.
„Ако продолжи нивниот напредок, целата северна област на Алепо може да падне“, рече еден од борците од Мари за Ројтерс.
Сириската опсерваторија за човекови права, со седиште во Лондон, која го следи развојот на борбите, соопшти дека ИСИС освоила пет села, меѓу кои и две во близина на турската граница.
Сега кога Исламска држава се избори за нови територии во северна Сирија, сè поверојатно е дека Турција и САД заедно ќе отворат нов фронт против екстремистичката група. Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Кавусоглу во понеделникот за Ројтерс рече дека двата НАТО-партнери ќе почнат „опсежни“ воздушни напади за да ја збришат ИСИС од пограничниот регион.