Заврши рокот за пријавување на спорните гласачи во канцелариите на ДИК. Објавени беа имињата на 39.502 гласачи кои се сметаа за спорни во Избирачкиот список.
Заклучно до вчера до 12 часот, до Државната изборна комисија се пријавиле вкупно 7.931 граѓани чиишто записи во Избирачкиот список по извршените вкрстени и теренски проверки се спорни, односно има несовпаѓање на податоците.
Од вкупно пријавените, 3.376 го направиле тоа во подрачните одделенија и канцеларии и дополнителните канцеларии на ДИК, додека 4.555 ја искористиле веб апликацијата на интернет страницата на ДИК.
Пријавувањето на спорните гласачи почна на 26-ти јули. Тие имаа рок од 25 дена да се запишат на списокот на гласачи, а пријавувањето се врши електронски преку специјална апликација на веб страницата на ДИК или лично во подрачните единици на ДИК и во кацелариите на Управата за водење матични книги.
ДИК има на располагање 10 дена за да направи дополнителни контроли или лично да контактира со спорните гласачи. Оние кои не се пријавени во предвидениот рок нема да бидат запишани во Избирачкиот список, но ќе добијат можност тоа да го направат за време на јавниот увид на списокот пред парламентарните избори.