Во рамките на истражната постапка во врска со предметот каде седум лица се осомничени дека како странски терористички борци активно учествувале во војните во Сирија и Ирак, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за едно од лицата ја прошири истрагата.
Надлежниот обвинител во изминатиот период ги сослуша осомничените и притоа оцени дека постои основано сомнение дека осомничениот сторил кривично дело – Учество во странска војска, паравоени или параполициски формации, предвидено и казниво по член 322-а ст.3 од Кривичниот законик, заради што ја прошири истрагата и донесе Наредба за спроведување на истражна постапка и за ова кривично дело. Со цел да стане учесник во паравоените формации на ИСИС, осомничениот, во точно неутврден период од 2014 до 2016 година, ја напуштил територијата на Република Македонија и заминал во Сирија. Таму, осомничениот се обучувал и учествувал во паравоените формации на ИСИС, при што како борец бил заробен од страна на Сириските демократски сили и затворен во Дирек воениот затвор во Ал-Маликијах во провинцијата Ал-Хасака во Сирија.
За потсетување, за пет лица од седуммината кои во моментов се во притвор, а кои во соработка со партнерите од Глобалната коалиција за борба против тероризмот и Сириските Демократски Сили, во месец август оваа година, беа лишени од слобода, се водат истражни постапки во рамките на претходните акции познати во јавноста како „Ќелија 1″ (август 2015) и „Ќелија 2″ (јули 2016). Четири лица од притворените се дел од истражната постапка во предметот „Ќелија 1″, а осомничениот, за кој се проширува истрагата е од постапката во предметот „Ќелија 2″. При спроведувањето на тогашните акции овие лица беа недостапни на органите на прогонот и за нив беа активни национални и меѓународни потерници.
Откако во септември 2014 година е донесен Законот за изменување на Кривичниот законик и беа создадени законски услови, предметот познат во јавноста како „Ќелија 1″, беше прв поведен случај во Република Македонија против лица кои заминуваат во странски војски и се борат на воените жаришта на Блискиот Исток. Во овој предмет обвинителството за првпат гонеше 36 лица за сторено кривично дело – Учество во странска војска, паравоени или параполициски формации, од член 322-а од Кривичниот законик. Во спроведената акција, 11 лица беа лишени од слобода и притворени, а останатите 25 беа недостапни за органите на прогонот.
Во текот на 2016 година, беше поднесен обвинителен акт за 11 лица, по што, на Јавната седница за оцена на обвинителниот акт, шестмина обвинети изразија подготвеност за признание на вина и побараа спогодба со обвинителството. Основниот суд Скопје 1 – Скопје, ги прифати спогодбите со обвинителството и шестмината осомничени ги прогласи за виновни изрекувајќи казни затвор определени во постигнатите спогодби во траење од 5 години до 5 години и 6 месеци. Останатите петмина кои не признаа вина на главната расправа пред судот, истакнаа дека се чувствуваат виновни и ги признаа делата што им се ставаат на товар. На 18 мај 2016 година, за обвинетите беа изречени казни затвор во траење од 2 години до 4 години и 6 месеци. Незадоволно од одмерените казни, обвинителството до Апелациониот суд – Скопје вложи жалби, кои на 6 февруари 2017 година, беа уважени и обвинетите се осудени на казни затвор во траење од 3 години до 6 години и 6 месеци. Во меѓувреме, врз основа на распишаните национални и меѓународни потерници, двајца осомичени беа екстрадирани од Косово, еден од Република Албанија и еден осомничен беше лишен од слобода во Република Македонија. Со овие лица, обвинителството склучи спогодби и лицата беа осудени на казни затвор од 1 до 3 години.
Седуммината опфатени во акцијата „Ќелија 2″, меѓу кои е и осомничениот за кој се проширува истрагата, се товарат за сторено кривично дело – Терористичка организација по чл.394-а ст.2 од Кривичниот законик. Во акција спроведена на седум локации во Скопје и Тетово, на 9 јули 2016 година, во раните утрински часови, беа уапсени четири лица – поранешни припадници на ИСИС, а подоцна беше лишено од слобода уште едно лице. За останатите три лица се распишаа национални и меѓународни потерници. Обвинетите во овој предмет се припадници на терористичка организација „Исламска држава”. Тројца од нив, во повеќе наврати учествувале во терористичките напади во околината на Дамаск, како и на воената база во близина на Алепо, додека останатите биле дел од терористичките напади на градот Деризор, воената база Рака, официјалниот граничен премин помеѓу Сирија и Ирак, како и нападот на воздухопловната база во Ирак, а исто така објавувале и снимки од погубување на околу 50 затвореници. Во октомври 2016 година, петмината обвинети ја признаа вината што им се става на товар и склучија спогодби со обвинителството со кои се осудени на казна затвор од 2 години и 4 месеци до 2 години и 8 месеци.