Истражители од британската организација за надзор над податоци (ИЦО) влегоа во просториите на Кембриџ Аналитика во Лондон, која е обвинета за злоупотреба на податоците на милиони корисници на Фејсбук без нивна согласност.
Околу 20 вработени во униформи со ознаката ИЦО доцна синоќа влегоа во просториите на фирмата во центарот на Лондон, набрзо откако британскиот Виш суд издаде налог за претрес. Со судската одлука се овозможува на регулаторниот орган, задолжен за заштита на личните податоци, да ги „пребара серверите“ на компанијата и „да изврши проверка на податоците“
Консултантската фирма „Кембриџ аналитика“ се најде во центарот на афера оваа недела откако „свиркач“ соопшти дека компанијата му платила на академик да собере податоци на 50 милиони корисници на Фејсбук за да направи профил на американските гласачи пред изборите за претседател на САД во 2016 година.