Пратениците на ДУИ денеска нема да присуствуваат на инаугурацијата на претседателот Ѓорге Иванов, потврди за „Дневник“ партискиот портпарол Бујар Османи. Нема информации дали интегративците како владејачка партија своите позиции за бојкот на свечената седница ќе ~ ги соопштат на јавноста. Откако идејата на Ахмети за консензуален претседателски кандидат доживеа фијаско и не успеа нивната намера да пропаднат претседателските избори, интегративците останаа на ставот дека Иванов е легално избран на функцијата, но дека нема легитимитет од мнозинството Албанци.
ВМРО-ДПМНЕ им порача дека непризнавањето на Иванов е проблем на ДУИ и тие треба да му ја мислат како натаму ќе дејствуваат зашто Иванов ја има поддршката на повеќе од 500 илјади гласачи од различни етникуми.
Собраниска седница за инаугурација на Иванов е закажана за денеска напладне.
Со давањето свечена изјава пред законодавниот дом, Иванов и формално ќе го почне вториот петгодишен мандат како шеф на државата.
Освен ДУИ, на свечената седница нема да присуствуваат ни опозициските пратеници предводени од СДСМ, како ни единствениот пратеник на НДП, Руфи Османи. И за двете партии, претседателските и парламентарните избори се нелегитимни.