Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов ги повика граѓаните на 11 декември да излезат и да го остварат правото на глас и да ја исполнат граѓанската должност.
„Повикувам да гласате по сопствено убедување и да ја дадете довербата на онаа политичка партија и опција за која верувате дека е најдобриот избор за вас и за Република Македонија. Ги повикувам сите кои се вклучени во изборниот процес да покажат достојно ниво на политичка култура и да го почитуваат Уставот и законите на Република Македонија.
Ги повикувам надлежните институции задолжени за регуларноста на изборниот процес да дејствуваат согласно законските норми и правила. Да не подлежат на никакви притисоци и да немаат толеранција, ниту милост за оние, кои на каков било начин, ќе се обидат да го попречат, или нарушат изборниот процес.
Како држава, не смееме да дозволиме да има ниту еден аргумент за оспорување и дискредитирање на изборниот процес“, порача Иванов.
Тој очекува дека во демократска атмосфера, како што доликува на една демократска земја, на 11 декември едногласно ќе биде поздравена и признаена волјата на граѓаните, која ќе го означи “почетокот на крајот на политичката криза и ќе претставува почеток на национално помирување во Република Македонија’.