Новоизбраниот претседател на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска даде свечена изјава пред Собранието на Република Македонија со што и официјално започна неговиот втор петгодишен мандат.На инаугурацијата не присуствуваа пратениците од ДУИ, за кои Иванов не е легитимен претседател, и на СДСМ и НДП, кои не ги прифатија мандатите.
Во говорот по свечената изјава, Иванов повика да се надминат тесно-партиските и личните интереси и опозицијата да остане доследна на демократските принципи и вредности. Иванов истакна дека ќе биде претседател на сите граѓани без разлика на нивната етничка, верска или политичка припадност.
Им искажа огромна благодарност на граѓаните на Република Македонија кои придонесоа, како што рече, да се одржат мирни, фер и демократски избори, на кои победи демократијата, граѓаните, Македонија.Првпат, во историјата на Република Македонија, потенцираше тој, претседателските избори минаа без ниту еден приговор до Државната изборна комисија.
– Кога станува збор за државните интереси, неопходно е Република Македонија да настапува со еден глас и со јасен став, за да биде препознаена како стабилна држава, почитувана како одговорен партнер и сојузник. Тоа е обврска и одговорност за секој што го добил мандатот од граѓаните, истакна тој.
– Денес, од ова место, јасно ќе кажам: Оние што мислат дека ја бојкотираат институцијата претседател на Република Македонија, всушност ги бојкотираат граѓаните, кои гласале на претседателските избори, истакна Иванов. Оние што го бојкотираат Собранието на Република Македонија за кое добија мандати, всушност ги бојкотираат волјата и довербата на граѓаните кои гласале и за нив. Бојкотот на институциите значи бојкот на демократијата и бојкот на волјата на граѓаните. Бојкотот е потценување на демократската зрелост на македонските избирачи, рече претседателот Иванов.
Во согласност со Уставот на Република Македонија, додаде тој, како претседател, добивам легитимитет директно од граѓаните.
– Од ова место, во името на граѓаните, повикувам да се надминат тесно-партиските и личните интереси. Ја повикувам опозицијата да остане доследна на демократските принципи и вредности, истакна претседателот.
– Како што на Македонија и е потребен ангажман од секој нејзин граѓанин, така и во македонската демократија е неопходна ангажирана опозиција, со свежи идеи, издржани предлози и конструктивни критики. Реков и повторно ќе речам дека по изборите нема победници и поразени, туку дека сите треба да работат за просперитет и за успех на Република Македонија. За напредок на личниот и заедничкиот живот во Македонија, за сите нас, рече тој.
Новиот мандат на Иванов му го честитаа премиерот Никола Груевски, министри и други лица од јавниот и политичкиот живот во земјата, верските лидери, претставници на дипломатскиот кор, меѓу кои и амбасадорите на САД и ЕУ, Пол Волерс и Аиво Орав.