Иванов: Потребен ни е процес на национално помирување!


Потребен ни е процес на национално помирување, жртвување на личните заради државните интереси, потребно е да се сплотиме за иднината на нашите деца, се дел од пораките кои ги упати претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов на денешната прослава на националниот празник Илинден, што традиционално се одржа во Меморијалниот центар во Пелинце.ivanov-gjorge1-640x401

Иванов упати пораки до политичките партии, меѓународната заедница, цивилното општество и медиумите, а воедно ги изнесе ставовите околу мигрантската и бегалската криза како еден од најголемите предизвици со кои се соочува Македонија во нејзината 25 година од независноста.

– Денес, на ден Илинден, во името на нашите херои од минатото, но и нашите деца, кои се херои на иднината, ве повикувам да ги жртвуваме личните заради општите интереси, тесно-партиските заради државните интереси. Да изградиме култура на дијалог и компромис, но и чувство за единство околу државните интереси. Ве повикувам дијалогот да го водиме во институциите, а не во амбасадите. Поддршката да ја бараме од граѓаните, а не од меѓународните фактори, порача македонскиот претседател.

Иванов го поздрави политичкиот договор, посочувајќи дека сега доаѓа потешкиот дел, а тоа е потребата од негово исполнување. – Токму сега е време за воздржаност и за одговорност, од што зависи не само разврската на кризата, туку и иднината на Македонија, истакна македонскиот претседател. За таа цел Иванов ги повика политичките партии да се воздржат од непризнавање на волјата на граѓаните тогаш кога ќе изгубат избори, но и од игнорирање на неистомислениците тогаш кога ќе добијат на избори.

Во однос на мигрантската и бегалската криза, македонскиот претседател предупреди дека постои висок ризик од заканата од странски терористички борци. – Вториот миграциски бран е на повидок. Регионалните кризи и конфликти на Блискиот Исток и Северна Африка ги зголемија ризиците за загрозување на безбедноста на Република Македонија, рече Иванов додавајќи дека мора сплотени да се навикнеме да функционираме во новата реалност, што ја креираат секојдневните терористички напади во светот.

Од Пелинце, македонскиот претседател повика да се стави крај на поделбите, бидејќи кога сме поделени, ние сме поробени, и повика на помирување и сплотеност за да ја зачуваме слободата и државноста, независноста и сувереноста на Република Македонија.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1