Државната изборна комисија денеска на седница ги потврди кандидатските листи за пратеници за предвремените парламентарни избори на 5 јуни, поднесени од страна на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и тоа за изборните единици 1, 2, 3 4, 5, 6 и седмата изборна единица.
До синоќа на полноќ кога истече рокот, листи на кандидати за пратеници до ДИК доставија ВМРО-ДПМНЕ, Народно движење за Македонија (НДМ) и Социјалдемократската партија на Македонија. Листи до ДИК, како што претходно најавија, не доставија СДСМ, ДУИ и ДПА.
По добивањето на листите, ДИК има 48 часа да утврди дали листата на кандидати е поднесена во утврдениот рок и дали е составена во согласност со одредбите на Изборниот законик. Евентуалните недостатоци, подносителите на листите ќе треба да ги отстранат исто така во рок од 48 часа.
Мнозинството членови на ДИК ги усвои извештаите за прочистување на избирачкиот список и истиот е прочистен. Членот на ДИК од ДПА Бедредин Ибраими, неодамна изјави дека се потврдува Избирачкиот список од 2013 година- ажуриран, надграден и проширен.
–Со сите овие активности се потврдува Избирачкиот список од 2013-та година, Избирачкиот список кој беше усогласен согласно одредбите од Изборниот законик, каде што упорно работеше работната група формирана од ДИК. Тој Избирачки список во меѓувреме, 2013-та- 2016-та година е надграден, дополнет и ажуриран со лица кои за првпат стекнуваат право на глас, односно стануват полнолетни, граѓани кои се починати се бришат од избирачкиот список. Очигледно не беше лесна работа, ние самите се уверивме во нашата активност и работа која ја извршивме овие 3,5 месеци, но и јавноста. Морам да кажам дека ДИК пристапи многу стручно и одговорно во вршење на оваа активност се со цел пред се кај граѓаните да се врати довербата во избирачкиот список за кој е надлежна ДИК, рече Ибраими.
Ибраими нагласи дека со сите овие активности, се потврдува избирачкиот список од 2013 година.
-Избирачкиот список беше усогласен согласно одредбите од Изборниот законик, согласно одредбите каде што упорно работеше работната група формирана од ДИК, каде учествуваа претставници од органите кои се вклучени во водењето на избирачкиот список, како и претставници од четирите политички партии, со надгледување на амбасадата на САД, ЕУ и ОБСЕ, како и невладината организација МОСТ. Ние не измисливме топла вода, го применивме законот. Во избирачки список да се запишат сите полнолетни државјани во Република Македонија кои имаат живеалиште, деловна способност и поседуваат една од важечките лични документи. Тој избирачки список во меѓувреме е надграден, дополнет и ажуриран со лица кои за првпат стекнуваат право на глас, граѓани кои се починати и се бришат од избирачкиот список, како и граѓани кои ја губат деловната способност или, пак, им се враќа назад и тие се враќаат во избирачкиот список, рече Ибраими.
Членот од ДУИ Субхи Јакупи рече дека незадоовлните од Избирачкиот список треба да достават доказ.
-Направивме големи теренски и административни проверки. Треба да се знае дека ние сме професионален орган. Не сме инспекција и не можеме да проверуваме, на пример, како се издавани личните карти. За тоа се задолжени други институции. Наша обврска е да го составиме Избирачкиот список и во него ги ставивме лицата со навршени 18 години што имаат валидни лични карти и патни исправи. Списокот сè уште се ажурира и ако некој смета дека нешто не е во ред треба да ни остави доказ и предлог како да се реши проблемот – категоричен е Јакупи.
Некои процедури се уште се во тек
Сите 154.398 граѓани што се внесени во регистарот на македонски државјани на Министерството за внатрешни работи, но не се наоѓаат во Избирачкиот список не ќе може да гласаат на предвремените парламентарни избори кои се закажани за 5 јуни.
Kако што вели членот на Државната изборна комисија, Субхи Јакупи, сите овие граѓани иако се полнолетни и имаат македонско државјанство не се во Избирачкиот список бидејќи не поседувале валидна лична карта или патна исправа. Јакупи посочува дека и дури и ако во меѓувреме некои од нив и успеале да ги извадат овие документи веќе се поминати сите законски рокови за да може тие да гласаат на 5 јуни.
Државната изборна комисија завчеравечер го усвои извештајот за кој доби податоци од регистарот на државјани на МВР, според кој Македонија еден 1.958.844 полнолетни државјани и 505.422 малолетни државјани или вкупно, 2.464.266 државјани. Овој одговор до ДИK МВР го прати во писмо потпишано од заменик-министерот Митко Чавков.
Минатата недела, пак, ДИK работејќи на ажурирањето на Избирачкиот список утврди дека во него има над 1.804.000 гласачи и оваа бројка според оцената на потпретседателот на Kомисијата, Реџеп Прекопуца може да се смета за реална.
Разликата од 154.398 полнолетни граѓани во регистарот и Избирачкиот список предизвика дилеми и спротивставени коментари во јавноста.
– Нема простор за дилеми и нејаснотии. Kако Државна изборна комисија имаме обврска да го оформиме Избирачкиот список, а законот пропишува дека основен документ врз основа на кој треба да се состави списокот е регистарот на државјани. Затоа и побаравме од МВР да ни ги достави податоците од него. Според нив, Македонија има 1.958.844 полнолетни и 505.422 малолетни државјани. И овие податоци не се косат со поедничните проверки што ги правевме претходно. Врз база на овој документ се прави Избирачкиот список. ДИK реши да го побара на крај, можеби ќе беше подобро да го побаравме уште на почетокот, оти така работите ќе беа појасни. Овие 154.398 граѓани се полнолетни и по таа основа се гласачи, но според Изборниот законик за да бидат внесени во Избирачкиот список мора да имаат валидна лична карта и патна исправа. Тие немаат вакви документи – вели Јакупи.
На прашањето како ќе се решава ова со оглед на големата бројка луѓе, Јакупи вели дека Избирачкиот список секако ќе се проширува.
– Се разбира дека штом ќе обезбедат валидни документи, овие граѓани ќе бидат внесени во Избирачкиот список. Но за изборите што се закажани за 5 јуни веќе е доцна за нив. И да ги имаат документите промените не може да бидат направени бидејќи е завршен јавниот увид во Избирачкиот список – објаснува Јакупи.
Тој вели дека ДИK нема сознанија дали овие 154.398 полнолетни граѓани живеат во земјата или, пак, станува збор за иселеници