На 3.480 гласачки места во Македонија можат да гласаат 1.779.572 избирачи. Тие својот глас можат да го дадат за четворица кандидати за претседател на државата. првпат за претседателски избори гласаат и македонските државјани кои живеат или престојуваат во странство. Пријавени за гласање во дијаспората се 8.332 лица. На ден пред утрешните избори гласаат и болните и изнемоштените, затворениците, лицата во притвор и во внатрешно раселените лица…
Начин на гласање
Гласањето почнува во 7 часот и ќе трае непрекинато до 19 часот. По затворањето на гласачките места ќе можат да гласаат само лицата кои во тој момент се затекнале во објектот каде што се гласа.
На овие избори се гласа за претседател на Република Македонија.
Избирачкото ливче е на македонски јазик, а во општините каде што има над 20 проценти припадници на етничките заедници на македонски јазик и на јазиците на етничките заедници.
Оваа година првпат избирачите ќе бидат обележувани со видливо мастило во вид на маркер на десниот палец, односно во делот од средината на палецот по ивицата на подноктицата и ноктот од палецот. Отпечатокот треба да има трајност од најмалку 24 часа по нанесувањето. Не може да се избрише со алкохол, ацетон, хидроген или други средства за бришење.
Гласањето е тајно и лично и се врши зад параваните за гласање и тоа исклучиво со хемиско пенкало во сина боја. Се гласа со заокружување на редниот број пред името на кандидатот за претседател. За важечко гласачко ливче се смета она од кое на сигурен и недвосмислен начин може да се утврди за кој кандидати избирачот гласал.
Пред да гласа избирачот на избирачкото ливче, членови на избирачките одбори му ставаат печат само на предната страна на ливчето.
Гласањето за друго лице е забрането, освен во случаите предвидени со Изборниот законик. Избирачот кој има физички недостаток или е неписмен и поради тоа не може да гласа на начин утврден со Законикот, со себе има право да повика лице кое ќе му помогне при гласањето. Ако избирачот не доведе со себе лице кое ќе му помогне при гласањето, тогаш Избирачкиот одбор ќе определи друго лице од редот на избирачите. Лицето кое ќе му помага на друго лице при гласањето не смее да биде од редот на членовите на избирачкиот одбор, претставниците на подносителите на листите или од редот на набљудувачите. Ова лице не смее да влијае врз одлуката на избирачот, а при гласањето може да помогне најмногу на двајца избирачи кои се со физички недостаток или се неписмени. Овој начин на гласање се забележува во записникот.
Семејното и групното гласање и гласањето во име на друг во Република Македонија се забранети. Забраната за семејно и групно гласање и гласање во име на друг се однесува на забрана едно лице да гласа за друго/други лица, забрана еден член од семејството, зад гласачкиот параван да им покажува на останатите членови како и за кого да гласаат и забрана двајца, група или цело семејство да гласаат заедно зад гласачкиот параван и слично.
Против член на Избирачки одбор кој овозможил односно не спречил семејно гласање ќе се поведе дисциплинска постапка со санкција-престанок на работниот однос, прекршочна постапка со можност за санкција-глоба од 500 до 1.500 евра или кривична постапка со санкција затвор од најмалку 5 години. Против лице кое учествува во семејно гласање може да се поднесе прекршочна пријава, кривична пријава, а Изборниот законик го предвидува семејното гласање и како основ за поништување на гласањето во избирачкото место.
Во гласачкото место се забранува фотографирање на гласачкото ливче со мобилен телефон или апарат за фотографирање. Овластените претставници на подносителите на листите, набљудувачите и гласачите на денот на гласањето на гласачките места не смеат да користат мобилен телефон, апарат или други средства за сликање на гласачкото ливче. Избирачкиот одбор може да го отстрани од гласачкото место секое лице кое не се придржува кон оваа забрана.
Никој не смее да дојде на гласачкото место вооружен, освен полицијата. Полицијата влегува на гласачкото место само во случаите кога е повикана од Избирачкиот одбор и кога ќе забележи сериозно нарушување на редот и мирот.