Силен пожар ноќеска уништи дел од хотелот „Бренд“, сместен на источниот брег на Охридското Езеро на оддалеченост од приближно пет километри од Охрид.
Според информациите од Територијалната противпожарна единица од Охрид, пожарот го пријавил гостин во хотелот, во раните утрински часови некаде околу 2:20 часот.
– За пет минути интервениравме со две возила со седуммина пожарникари, и веднаш пристапивме кон гаснење на пожарот. Силен пламен веќе ги имаше зафатено рецепцијата на хотелот, холот со скалилата кон собите, а пожарот дополнително се ширеше поради специфичниот леснозапаллив материјал со теписони, итисони и дрвена ламперија. Екипа од двајца пожарникари влезе внатре со апарати за дишење и за дваесеттина минути успеавме да го намалиме интензитетот на пламенот и потоа се притапи кон негово целосно докрајчување, изјави за МИА Ацо Атанасов, командир на Противпожарно одделение на Теријаторијалната противпожарна единица од Охрид.
Во пожарот целосно се изгорени холот со рецепцијата и шанкот, канцеларискиот простор на управникот на хотелот и скалилата од приземјето до вториот кат. Навремената интервенција на Територијалната противпожарна единица придонесе да се спречи проширување на пожарот врз блиските околни објекти на кои од силината на пламенот се испукани стаклените делови.
Според првичните информации, пламенот прво се појавил некаде во рецепцијата на хотелот, а причините за неговот избувнување ќе бидат утврдени по увидот што е во тек.
Хотелот „Бренд“ се наоѓа на магистралниот пат Охрид – Свети Наум, инаку поранешно одморалиште на Тутунскиот комбинат од Прилеп. Во непосредна близна се хотелот „Престол“ и уште еден сместувачко-угостителски објект, а од другата страна на патот е хотелот „Гранит“.
Миа