Рудникот за олово и цинк „Злетово“ – Пробиштип денеска го рестартираше производството. По неколкумесечна подготовка бугарскиот концесионер „Минстрој“ денеска ја доби дозволата за работа и ја извади првата количина на руда од рудникот. Почетокот на работата на рудникот е означен на Денот на рударите.
Инвестицијата на бугарски „Минстрој“, кој исто така ја има добиено и концесијата за рудникот „Тораница“ е 20 милиони евра. Ангажирани во моментов во рудникот Злетово се 300 работници, а за неколку месеци се очекува бројката да достигне до илјада кои, како што најави концесионерот, ќе работат во современи безбедни услови и ќе примаат повисоки плати.
Рестартирањето на еден од најстарите рудници денеска официјално го означија премиерот на Република Македонија Емил Димитриев, вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, министерот за економија Дритан Кучи, бугарската министерка за енергетика Теменушка Петрова, претседателот на Бордот на директори на „Минстрој“ Николај Волканов, а присуствуваше и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.
Премиерот Емил Димитриев истакна дека ова не значи само рестартирање на кој било рудник, туку рудникот „Злетово“ чии почетоци се од вториот век од нашата ера, во 1928 година концесија за рудникот има добиено англиска компанија, потоа во Втората светска војна го експлоатира германската војска. Врвот го достигнува во 1977 година кога работат 2.600 лица, а најголемото производство е постигнато во 1989 година со ископани 500 илјади тони олово цинкова руда.
Со процесот на транзиција рудникот престанува да работи, а со тоа престанува да работи и фабриката за акумулатори во Пробиштип и во ова гратче остануваат без работа над три илјади лица. Првата шанса за рестартирање беше од компанијата „Индоминерали“ која, како што рече Димитриев, поради недомаќинското работење фабриката отиде во стечај. Сега премиерот очекува од новиот газда современа технологија, безбедни услови за работа на рударите и повисоки плати.
– Не е важно колку руда ќе се ископа, туку важно е секој рудар да излезе здрав и жив од рудникот, порача Димитриев и додаде дека за изнаоѓањето на нов концесионер се вложил и тој бидејќи потекнува од овој град.
Напорите на Владата вложени во енергетскиот сектор, според премиерот, ги покажуваат резултатите. Покрај рестартирањето на Злетово оваа недела почна изградбата на рударскиот комплекс во Казандол и се очекува истиот концесионер да почне и во Старо Нагоричане. Канадската „Еуромакс“ е активна во Иловица со инвестиција од 500 милиони евра, а за еден и пол месец се очекува да почне со работа и рудникот „Тораница“.
Вицепремиерот Пешевски потенцира дека посветеноста на Владата на рударскиот сектор е евидентна. Оваа Влада го истакнува значењето на рударството и направи многу реформи во него. Според него, тоа од 2006 до 2016 година резултираше со 370 договори за концесии за детални геолошки истражувања, 325 договори за концесии за експлоатација и 145 концесии се во фаза на детални геолошки истражувања.
Министерот за економија Дритон Кучи ја предаде дозволата за работа на бугарски „Минстрој“. Тој потенцира дека рударството како движечки сектор во македонската економија учествува со 1,5 проценти во БДП, ангажира 13.000 лица кои придонесоа за раст на производството минатата година од околу 10 отсто.
– Во земјава има повеќе од 150 рудници кои активно работат, дел од нив се за експлоатација на металични минерални суровини, пред се олово, цинк, бакар, сребро и злато. Се поголем е интересот за експлоатација на украсните камења, а се зголемува и бројот на копови за неметалични минерални суровини, истакна министерот Кучи.
Тој ја потенцира важноста на рударите кои, како што рече, претставуваат наш бесценет човечки ресурс и должни сме да им обезбедиме што подобри услови за работа.
Министерката за енергетика на Бугарија Теменушка Петкова смета дека инвестицијата на бугарската компанија „Минстрој“ од 20 милиони евра ќе придонесе за унапредување на економскиот развој во Македонија и отворање нови илјада работни места. Потенцира дека во Бугарија пет проценти од БДП го создаваат минералните суровини и додаде дека бугарската компанија „Минстрој“ со инвестицијата во рудникот Злетово ќе дадат добри резултати во македонската економија.
Николај Волканов, претседател на Бордот на директори на „Минстрој“ на рестартирањето на овој рудник потенцира дека досега имаат работено на четири вакви проекти во кои почнуваат од нула и оти сега во нив работат 2.500 лица.
– Пред два месеци почнавме со работа од нула. Работевме на расчистувањето на теренот, денеска ја добивме дозволата. Досега направивме многу инвестиции, но допрва следат сериозните. Денеска ја вадиме и првата руда, истакна Волканов.
Тој нагласи дека во Бугарија во последните три години имаат раст на производството од 30 проценти. Посочи дека во моментов во овој рудник имаат ангажирано 300 работници, а за неколку месеци бројката да достигне до илјада.
По повод Денот на рударите денеска на означувањето на почеток со работа на рудникот „Злетово“ традиционално министерот за економија ги додели признанијата и благодарниците за најуспешните 15 рудари во Македонија. Според Кучи, целта е да се наградат рударите за нивна професионална ангажираност и одговорност и да се мотивираат за понатамошни врвни резултати.