Здравствена услуга ќе добие секој граѓанин кој е осигуреник. Тој само ќе треба да покаже лична карта, пасош, стара здравствена легитимација или електронска картичка со поминат рок, изјави денеска на прес-конференција министерот за здравство Арбен Таравари откако во јавноста се информираше дека се враќаат сините картони бидејќи на електронските здравствени картички им изминал рокот а нови нема кој да печати.
– Сините картони се минато и немаме намера да ги враќаме во употреба. Настојуваме да го олесниме целиот процес и лекарите да немаат потреба да се занимаваат со хартиени дикументи. Тоа значи дека граѓаните нема потреба да ги имаат ниту да ги покажуваат – рече Таравари.
Кој во Фондот, рече Таравари, наложил да се бараат сини картони во аптеките и кај лекарите ќе истражиме.
Според министерот, и лицата кои досега биле принудени да земаат сини картони нема да треба во иднина тоа да го прават, оти за тоа нема потреба.
– Со еден поглед во системот, лекарот може да види дали лицето е осигуреник или не. Таму се покажува со зелено дека е осигурен, а со црвено дека не е. Затоа нема потреба од никаков син картон. Доволна е само лична карта – рече Таравари.
Таравари најави дека се разгледуваат неколку можности за решавање на проблемот со здравствените електронски картички.
– Вклучени се МВР, Министерството за информатичко општество и администрација, како и стручни лица од ИТ областа за да се најде трајно решение на проблемот – рече тој.
Министерот за здравство денеска се сретнал со првите луќе на Фондот за здравствено осигурување, со претставници на лекарската комора и приватните лекари, како и со претставници од институцијата Мој термин. На средбите се расправало за ова прашање.