Не обидувајте се да го убиете, само изгаснете го светлото и самиот ќе си отиде, а ако сакате да го фатите, задолжително ставете ракавици
Битката траеше четири часа. Жестока, крајно изедначена, неизвесна, нешто како битката за Англија во Втората светска војна. Поднаведнат замавнував со чаршаф во рацете, а лилјакот со раширени крилја, испуштајќи крикови, вртеше низ дневната соба и кујната со брзина од „2 маха“.
Влезе низ отворената балконска врата на осми кат околу 22 часот. Во низок лет ми пролета над глава и неколку часа не застана. Вршејќи постојан притисок, не му давав да се одмори, надевајќи се дека така ќе се откаже од упадот во мојот дом и ќе се врати назад на своето дрво или каде било.
Дење се одмора, ноќе се „забавува“
Околу 2 часот битката стивна. Со виден замор во неговите очи, најверојатно и досада, лилјакот исчезна во еден од плакарите во домот. Со последните сили се обидував да го извадам оттаму, но „непријателот“ како да исчезна. Не се јави ниту на тропањето со сукало ниту на претресот на плакарите.
Ноќта ја минавме на штрек и раздвоени со неколку затворени врати. За секој случај. Утрото и во текот на целиот следен ден не се појави. Сепак, постојано со поглед шаравме по плафонот и по ќошињата во станот.
Затоа, пак, штом почна да се стемнува, одморен и полн со сила се извлечка од своето скривалиште (каде било тоа никогаш не дознавме) и повторно го почна налудничавиот лет по станот.
Сите прозорци и врати беа отворени. Само седевме и го гледавме како прошишува над нас. Не планирав повторно да се впуштам во неколкучасовно бркање. По претходен совет од пријател ги исклучивме сите светилки и наведнати за случајно „манијакот“ да не ни се забие в глава, излеговме од станот.
По неколку часа се вративме и го немаше. Најверојатно отишол да си бара нов соперник.
Лилјаците не се опасни
Лилјаците често можеме да ги видиме навечер како летаат и ловат инсекти меѓу зградите во Скопје. Денеска дури и почесто отколку порано. Како што вели Александар Стојанов од Македонското еколошко друштво, со сечата на шумите, пресушувањето на водите и големата употреба на инсектициди, тие се селат во урбаните средини во потрага по засолниште и по храна.
Летачките цицачи не се опасни и не ги напаѓаат луѓето. Напротив, според Александар, сите 24 вида лилјаци што живеат во Македонија се хранат со инсекти, како комарците, и со тоа спречуваат да се зголеми нивниот број.
Тој вели дека луѓето не треба да се обидуваат да го убијат лилјакот ако им влезе дома.
– Тоа што лилјакот лета низ просторијата во различни правци и маневри ги тера луѓето да помислат дека тој пробува да ги нападне. Напротив, лилјакот е повеќе исплашен и пробува да најде излез од просторијата. Во случај кога лилјак ќе влезе во некоја просторија, најлесен начин да се „избрка“ е едноставно да се изгасне светилката во собата и да се остави прозорецот или вратата широко отворена, а по можност да се запали светло на тремот – вели Александар.
Друг безболен начин на бркање лилјак е да се остави да застане на некое видливо место (на ѕидот или завесата).
– Се зема пластично канче (од еурокрем или мармалад), поголема конзерва (од грашок, ѓувеч и сл.) или кутија за кондури и внимателно се поклопува лилјакот, потоа со подебел и поцврст картон се затвора канчето, конзервата или кутијата, се изнесува надвор и внимателно се ослободува лилјакот – опишува Александар.
При ваквото отстранување на лилјакот секогаш треба да се носат градинарски или работнички ракавици бидејќи во самоодбрана цицачот може да касне. Ако тоа се случи, треба веднаш да се обратиме на лекар бидејќи лилјаците може да бидат преносители на сериозни болести, меѓу кои и беснило.
(Јане Димески/ Телеграф.мк)