Фенг шуи се занимава со усогласување на протокот на позитивната енергија наречена Чи, која е зависна од негативната енергија наречена Јанг, (црното и белото)
Многумина имаат слушнато за фенг шуи, но не секој знае за што точно станува збор. Овој вид наука во себе нема мистичност. Ова е ден вид уметност за живеењето и работењето во правилно уредено опкружување. Фенг шуи се занимава со усогласување на протокот на позитивната енергија наречена Чи, која е зависна од негативната енергија наречена Јанг, (црното и белото).
Модерната електро-физика почнува да го прифаќа фактот за интеракцијата помеѓу енергијата на земјата и луѓето. Овие електромагнетни енергии се Чи-линии кои се движат во внатрешноста на земјата, и на тој начин создаваат енергија за Земјата и за луѓето кои живеат на неа, пишува Вечер.
Низ целиот свет, голем број луѓе веруваат во тоа дека контролирањето на енергијата во нивниот дом ќе им придонесе за подобрување на животот, и оти на тој начин ќе ги привлечат среќата и богатството. Тие ги прифаќаат советите од Фенг шуи и ги применуваат во уредувањето на домот, градината, работното место… На пример Доналд Трамп, кој е еден од најбогатите луѓе во светот за уредувањето на резиденциите и деловните простории има ангажирано врвни експерти за фенг шуи.
За оваа наука се имаат ангажирано и ја имаат истражувано многу научници, а сите ја потврдиле теоријата за силното влијание на боите кои ги имаат врз мислите, однесувањето, човековото расположение…
Иако боите секој ги доживува на различен начин, нивниот избор кога се уредува според фенг шуи е многу важен. Доколку не се изберат правилните бои, тие можат да влијаат негативно на нашето расположение, да не демотивираат, да не заморуваат и слично. Боите, кои веќе ги имаме одбрано во нашиот дом, без разлика дали тоа било свесно или пак не, многу кажуваат за нас. Фенг шуито придава големо значење на правилниот избор на боите.
Не постојат добри и лоши бои, туку поволни и неповолни бои за одреден дел од домот.
При изборот на боите основен водич е теоријата на петте елементи. Освен самата нијанса, важен е и интензитетот.
Во просторијата со поголема динамика како дневна соба или кујна се внесуваат поинтензивни, додека во просториите за одмор, т.е спалната соба се користат поблаги нијанси. Не се препорачува користење на силни бои за големи површини како ѕидови, големи теписи и прекривки.
Таквите бои во просторот се внесуваат со помали парчиња мебел, декор и украсни предмети.
Белата боја е добра подлога која помага при истакнувањето на други бои и предмети, а во Кина ја симболизира цврстината. Белата боја е погодна за претсобја. Кај простории во кои подолго се престојува се препорачува нијансирана бела (крем, нечиста бела, беж, седефасто бела и сл).
Црната, ако правилно се употребува, може да создаде импресивна атмосфера или квалитетна позадина за други бои, во спротивно може да делува депресивно. Не е поволна за детски соби, трпезарии, како и за простории за рехабилитација.
Сивата боја, според фенг шуи е боја на компромис и рамнотежа, но исто така може да делува депресивно, а често, просториите во кои преовладува оваа боја создава деловна, формална атмосфера. Не се поволни за кујни, додека во работната соба и просторот за учење имаат поволно влијание.
Сината боја го намалува стресот и напнатоста, ја поттикнува мудроста, па често се користи и во спалните каде луѓето често одат да се расправаат. Исто така симболизира самоувереност и трајност.
Виолетовата боја се поврзува со медитација, и со чесност. Потемната нијанса е поволна за спалните соби и за просториите за одмор, додека посветлата виолетова се употребува за поттикнување на динамиката.
Црвената е силна, поттикнувачка боја која се употребува за зголемување на активностите. Ако се чувствувате доволно исцрпено и ви недостасува енергија, внесете во својот дом црвена боја, како неколку црвени цвеќиња, декоративно перниче или некој друг украсен предмет. Не се препорачува во работната и спалната соба (освен по некој детаљ заради зголемување на страста).
Розовата боја е смирувачка нијанса на црвената боја и е исклучително женствена. Ја зголемува романтиката и детската разиграност, па затоа е поволна за спални и детски соби.
Портокаловата боја се поврзува со здравје, виталност, ентузијазам и оптимизам. Може да се употребува во простории кои се свртени кон север. Поволно влијае за поттикнување на комуникација. Се препорачува да ја има во дневната соба и трпезаријата, а не се препорачува во работната или во спалната соба.
Жолтата исклучително стимулира, а се поврзува со интелектот, долговечноста и доброто расположение. Добра е за стимулирање на комуникациите, менталната енергија и бистрината на мислите.
Поволна е за сите семејни и дневни простории. Зелената боја го поттикнува чувството на хармонија и мир, бидејќи е смирувачка боја која се наоѓа помеѓу ладниот и топлиот дел на спектарот. Поволна е за работни и спални соби, а во светли нијанси и за кујните. Светлите тонови симболизираат раст, додека потемните тонови во големи количини можат да делуваат смирувачки.
Кафената боја има стабилизирачки ефект, но премногу кафена боја може да делува уморно. Не е поволна за постарите луѓе бидејќи се поврзува со есента. Прикладна е за работни простории.