Пред домот на специјалната обвинителка Катица Јанева пристигна камион за заплена на мебелот од речиси 5.000 евра што го добила од бизнисменот Орце Камчев, за да издејствува поповолни околности за него во случајот „Империја“.
Камионот пристигна пред куќата на Јанева во скопската населба Козле половина час откако се врати полицијата за да направи дополнителен претрес, додека пак во канцеларијата во СЈО ѝ беше одземен службениот компјутер.
Како што соопштија обвинителите од ОЈО на прес конференција, Јанева се стекнала со имотна корист од 298.000 денари, претежно во мебел и предмети.
Обвинителството побара притвор за специјалната обвинителка 35 дена по определувањето на првиот притвор за прво и второосомничениот. Во текот на денот ќе се знае дали таа ќе заврши во истражниот затвор во Шуто Оризари.