Властите во Венеција ќе воведат високи казни за туристите кои ги „возат“ своите куфери на пластични тркалца низ улиците на градот. На овој начин, според нив, ќе се спречи бучавата во текот на годината, но и ќе се заштитат историските патеки од оштетување.
„Непослушните“ туристи, кои ќе ги влечат своите куфери на тркалца, ќе треба да платат до 500 евра. Предвидено е ваквата казна да стапи во сила веќе од идната година.
Весникот „Месаџеро“ открива дека идејата за казнување на туристите кои се шетаат со ваквите „бучни“ куфери е на градскиот комесар Виктор Запарлорто. Тој сугерира наместо сегашните куфери со тврди пластични и „бучни“ тркалца, да се прават нови со гумени тркалца наполнети со воздух.
Според мислењето на Запарлорто, новите куфери не само што ќе го ослободат градот од секојдневната бучава што ја правата туристите со својот багаж, туку и ќе се спасат од оштетување и уништување историските мермерни скали низ градот, камените патеки, како и пешачките мостови преку каналите.
Предлогот на комесарот Запарлорто е прифатен со разбирање од управата на градот, но решението за воведувањето ригорозни и високи казни, сепак, се уште не е официјализирано.