Ќе биде осамено цела школска година – во штипско Селце запишано само едно прваче


Градоначалникот на Општина Штип, Илчо Захариев денеска на првиот училишен ден во новата учебна 2017/2018 година ги посети учениците од подрачното училиште во селото Селце, каде во прво одделение е запишано едно дете.

Во ова училиште во комбинирана паралелка учат ученици од прво до петто одделение.

– За жал за разлика од минатата година кога имавме шест деца во прво одделение, сега имаме само едно дете. Но, добро е што ова училиште функционира бидејќи Селце е село каде што живеее мешано население, од турска националност, македонско население имаме и влашко и српско население. Учениците се комплетно од турска националност, имаме деца во прво, второ, трето и петто одделение, за жал во четврто одделение немаме и еден наставник, вели Захариев.

Тој истакна дека како општина ќе инвестираат во училницата, а претходно реновирано е училиштето, оградено и изградено е спортско игралиште, а во самото село се инвестираше во нова водоводна мрежа, селски чешми, изградени се автобуски постојки и асфалтирани се скоро сите улици.

– Има и еден добар предлог да се направи еден убав парк во ова село и тоа го предложија учениците. Мислам дека тоа не е скапа инвестиција и тоа би го решиле. Сакам на сите деца во нашиот град, но и во Република Македонија кои тргнаа прво одделение да им посакам да имаат добри наставници, да научат многу и утре да станат граѓани кои ќе ја градат државата, вели Захариев.

Штипскиот градоначалник потенцираше дека нема да има проблем со бесплатниот превоз на учениците.

-Ние распишавме нов тендер. Тендерот треба да заврши навреме. Сите ученици треба да добијат бесплатен превоз. Но, доколку бидат понудени цени кои се надвор од секаква економска логика, ние ќе го поништиме тендерот. Затоа што превоз по секоја цена нема да има. Минатата година да речеме се соочивме во одредени села од плачковичкиот регион да имаме автобуска карта за еден ученик од 800 до 850 денари, што да речеме не е карта до Скопје, која кошта многу поевтино. Ние од Радовиш децата ги носеме за некаде помалку од 93 денара, а додека до селата Парналија и Кучица цената беше над 800 денари. Успеавме да најдеме решение за триста и нешто денари да ја преполовиме цената и да организираме превоз, вели Захариев.

Тој истакна дека во изминатите години долгот кој го наследил од 500.000 евра е намален и сега општината за организирање на бесплатниот превоз има долг помалку од 100.000 евра, а тековните сметки за бесплатниот превоз за учениците од Велес, Свети Николе, Лозово, Пробиштип, Кочани, Виница, Карбинци, Зрновци и Радовиш, кои учат во регионалните средни училишта редовно се исплаќаат.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1