При реализацијата на трансакцијата за плаќање со платежна картичка преку ПОС терминали на продажно место или преку електронска продавница, носителите на платниот промет ги користат сервисите за авторизација, клиринг и порамнување на меѓународните картични организации.
Провизијата за извршената трансакција со платежна картичка паѓа на товар на трговецот, и нејзината висина е утврдена во одреден процент од вредноста на извршената трансакција.
Во утврдениот износ на провизијата која се наплаќа од трговецот, се вклучени и провизиите за процесирање, авторизација, клиринг и порамнување на плаќањето кон меѓународните картични организации, утврдени согласно тарифите на картичните организации. Притоа, провизиите како трошок на трговецот влијаат на цената на вршење на трговијата, а од друга страна дел од средствата наплатени од провизиите се одлеваат кон меѓународните картични организации.
За таа цел Минстерството за финансии предлага измени и дополнувања на Законот за платен промет кои се во владина процедура.
Целта на измените според предлагачот се отворање на простор за намалување на провизиите за безготовинско плаќање со платежна картичка, вклучително и при електронска трговија се предлага пресметката и утврдувањето на обврските и побарувањата во денари на учесниците во платниот систем (носител на платниот промет и агентот за порамнување) да се вршат преку платни системи кои се основани во Република Македонија согласно Законот за платниот промет.