Враќање на животот во македонските села, поттикнување на локалниот економски развој, подобрување на демографската слика во руралните средини, во кои повторно ќе се слушне детскиот џагор. Многу важни аспекти опфаќа проектот на ВМРО-ДПМНЕ, насловен „Од град во село, за нов почеток“, анализира ЛИДЕР.
Ако се погледне последниот статистички извештај за регионите во земјава, подготвен од Државниот завод за статистика, ќе се заклучи дека ваков проект не само што и е потребен на Македонија, туку е навистина неопходен.
Демографските диспропорции се евидентни!
Според Државниот завод за статистика, демографските показатели на регионално ниво покажуваат диспропорции во распределбата на населението. Па така, Скопскиот регион има десетпати поголема густина на населеност од Вардарскиот. Во исто време, во Вардарскиот, Источниот и во Пелагонискиот регион, како резултат на неповолната старосна структура и нискиот фертилитет, бројот на умрените го надминува бројот на родените!
Уште поалармантни се податоците кои покажуваат како е распоредено населението во земјава. 29,8 проценти живеат во Скопскиот регион, 15,4 проценти во Полошкиот регион, 11,2 процента од вкупното население е во Пелагонискиот регион, 10,6 проценти во Југозападниот регион, 8,6 проценти од населението е во Источниот регион, 8,5 проценти во Североисточниот регион, 8,4 проценти во Југоисточниот регион, а 7,4 проценти во Вардарскиот регион. Во земјава, 150 села се сосема празници, а во 300 има по дваесеттина жители, што укажува дека се потребни итни мерки и проект од вакви размери.
Што предвидува проектот „Од град во село, за нов почеток“?
Проектот „Од град во село, за нов почеток“ на ВМРО-ДПМНЕ опфаќа цел сет мерки кои претставуваат поттик за населението да се врати на животот во руралните средини. Проектот треба да почне да се реализира од јануари и да трае во наредните две години. Поволностите се огромни, бидејќи ќе се субвенционира трошокот за купување, обнова или изградба на куќа до 6.000 евра, бенефиции за бесплатно државно земјоделско земјиште до три хектари, како и еднократна месечна субвенција од по 15.000 денари во тек на 18 месеци.
„Сакаме да го стимулираме враќањето на животот во селата и да ги унапредиме социо-економските услови за живот во руралните средини во државата. Истовремено, даваме шанса повеќе на оние кои се невработени или имаат многу ниски примања во семејствата. Проектот се однесува за населување села до 500-ини жители“ – вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
Корисникот ќе има обврска 10 години да не смее да го продава, ниту пак да ја намали вредноста на имотот, а ќе биде обврзан да живее најмалку 15 години на село по почнување на користење на условите од проектот. Категоријата на лица кои ќе можат да го користат проектот е широка, односно важи за лица кои претходно мигрирале од село кон град и се уште имаат имот на село, кои мигрирале, но не го задржале имотот на селото, како и невработени лица од град и вработени со многу ниски примања, односно со вкупна месечна нето плата на целото семејство од 21.813 денари.
„Наша интенција е да се искористат огромните потенцијали што ги нуди македонското село. Целта се селата до 500-ини жители бидејќи тие се на границата на целосно иселување. Истовремено, ова претставува неповторлива можност за оние кои се преселени и живеат во град, а особено оние кои имаат некакви ресурси во местата од каде потекнуваат како стара куќа или некаков земјоделски капацитет со потенцијал да биде рестартиран. Ова е шанса и за оние кои се невработени, а живеат во град. Еве шанса преку својот труд со исклучителна поддршка од државата да дојдат до свој дом, своја работа и бизнис за семејството на село. Државата нуди работа, дом и исклучителни поволности за поддршка на сопствен бизнис на село“ – вели Груевски и додава дека вакви проекти веќе се спроведуваат во држави од ЕУ, Канада, САД, Австралија.
Во Македонија има примери на луѓе кои урбаната џунгла и модерниот начин на живот го заменија со живот на село и велат дека не погрешиле.
Младиот брачен пар Крањц, скопскиот асфалт го замени со убавините на Кожуф.
„Во градот срцето работи многу побрзо и таа динамика не ни одговараше на нашиот животен стил. Моја дефиниција за среќа е да создадеме родов имот, кој ќе продолжат да го гледаат нашите деца“ – вели Јосип Крањц.
На планина живее и адвокатот Јован Јовановски, со неговото семејство.
„Во почетокот кога почнав да инвестирам, моите колеги и другари беа дури и арогантни со мене и ми велеа дека тоа е лудост, ме прашуваа каде ќе одам. Како поминуваше времето тие почнаа мене да ме прашуваат како е таму и сите сакаат да дојдат“ – вели Јовановски.
Шанса за селата и можност за развој на аграрот
Земјоделските експерти сметаат дека проектот е шанса за враќање на животот во селата, но и шанса за аграрот, бидејќи ќе се обраборува запуштеното земјиште.
„Ова е еден комплексен проект во кој што гледаме некои нови субјекти, нови земјоделци да влезат во секторот земјоделство. И другите политики кои сигурно се комплементарни, социо-економскиот дел на мерките кои што ги гради државата, сигурно дека ќе придонесат за натамошен развој на руралните средини, а посебно за развој на селските средини. Еден период на депопулација на тие рурални средини предизвика голем дел од селските средини да бидат масовно напуштени од популацијата. Тие капацитети кои се оставени сигурно дека треба да ги ставиме во функција на производство на храна и во функција на едно поинтензивно земјоделско производство“ – вели деканот на Земјоделскиот факултет, Драги Димитриевски.