Високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ Кетрин Ештон попладне ќе пристигне во посета на Република Македонија во рамки на нејзината турнеја низ земјите од Западен Балкан.
Делегацијата на ЕУ во Скопје информира дека Ештон ќе има прес-конференција во ЕУ Инфо центарот во 19:15 часот. Други детали за разговорите во Скопје не се соопштуваат освен дека целта на посетата е интензивиеање на процесот на евроинтеграција за земјите-аспиранти за членство во Унијата од регионот.
Посетата на Ештон се совпаѓа со презентирањето на пролетниот извештај за Македонија од страна на еврокомесарот Штефан Филе пред Европарламентот, од кој зависи дали земјата ќе добие датум за преговори на самитот на Европскиот совет во јуни. Се очекува таа во Скопје да се сретне со претседателот Ѓорге Иванов, премиерот Никола Груевски, со лидерот на ДУИ Али Ахмети и со претседателот на опозициската СДСМ Бранко Црвенковски.
– Патувам во Западен Балкан за да го засилам ангажманот на ЕУ за европските перспективи на земјите од регионот. Ќе ги охрабрам лидерите во регионот да продолжат со процесот на реформи и промоворањето на добросоедските односи, вели Ештон во изјавата по повод дипломатските активности.