Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници” реагира како и зошто македонските медиуми ја пренеле веста од соседна Србија за мигрантката заболена од Сида, за која во српските медиуми се пишува дека заразила над 100 луѓе. Ви ја пренесуваме реакцијата во целост.
На 26, 27 и 28.06.2018 година во медиумите „Канал 5“, „Република“, „Курир“, „Сител“, „Точка“, „24 Инфо“, „Пулс 24“, „MK News“ и „Плус инфо“, беа објавени информации за „мигрантка од Јордан“, која, според наведените медиуми, „шири зараза низ Србија“, „сее СИДА“ и поради која „во опасност се повеќе од 100 луѓе“.
Начинот на кој наведените медиуми известија за наводен случај со ХИВ директно ги повредува новинарските професионални стандарди и со тоа предизвикува огромна штета врз јавното мислење. Текстовите се тенденциозни, дезинформираат и стигматизираат, а притоа „сеат“ неоснована паника и поттикнуваат и промовираат дискриминација и омраза.
Изнесувајќи шпекулации за ХИВ-статусот на жената, за бројот на „досега заразени“, за местата каде што жената се движела, за просечниот број на клиенти коишто ги имала дневно, авторите на текстовите директно го повредија членот 1 од Кодексот на новинарите на Македонија: „Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно.“
Дополнително, не наведувајќи го изворот на информациите што ги пренесуваат, авторите го повредија членот 4 од Кодексот на новинарите во Македонија, според кој „Новинарот треба да го назначи изворот на информациите освен кога изворот бара да остане анонимен. Изворот на информациите по правило треба да се идентификува освен кога тоа може да влијае на неговата безбедност или врз безбедноста на трети лица.“
Поврзувајќи го вирусот со мигрантка односно бегалка и сексуална работничка, написот ги стигматизира овие општествени групи, со што ги прави дополнително ранливи и подложни на маргинализирање и насилство. Она што дополнително загрижува е што медиумите се осудуваат да откриваат лични податоци и да шпекулираат за ХИВ-статус на жена-бегалка, што најдиректно повикува на шовинистичко и ксенофобично наисилство и дискриминација врз овие маргинализирани групи.
Во услови кога институциите и граѓанските организации сериозно и здружено се залагаат за превенција на ХИВ и одржување на ниска преваленца на вирусот на национално ниво, овие написи го уназадуваат секој чекор кон таа цел. Наместо да ги штитат човековите права, да побараат одговорност од институциите и да повикаат на помош и поддршка, медиумите директно учествуваат во разгорувањето на омразата.
Повторуваме дека ХИВ се пренесува преку незаштитен сексуален однос. Употребата на кондоми оневозможува да се пренесе вирусот. ХИВ не е смртоносен, ниту непозната и ретка состојба; за него постои достапна и успешна терапија. Со ХИВ се живее најнормално како што се живее со која било друга инфекција или заболување кое бара континуирана и непрекината терапија (на пример дијабет). Занимавањето со сексуална работа само по себе не е ризик за ХИВ, туку е незаштитениот сексуален однос без разлика дали се случува помеѓу сексуален работник и клиент или помеѓу двајца сопружници.
Лице за контакт:
Росана Јаневска