Струшкото јавно обвинителство утрово информира дека интензивно се преземаат мерки и активности за откривање на сторителот на кривичното дело – убиство на Дилавер Бојку, сопственик на ресторан и на плажата „Аква блу“.
„Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Струга, заедно со увидна екипа од СВР Охрид – ПС Струга вчера изврши увид на лице место каде што беше убиен сопственик на ресторан. Според првичните информации, убиството околу 17 часот го извршил непознат сторител со истрели од огнострелно оружје, на терасата на ресторанот „Аква блу“ во Струга.Од лице место се подигнати траги и тие веднаш се дадени на вештачење, додека по наредба на јавниот обвинител, на телото на починатиот ќе се изврши обдукција“, се вели во известувањето од струшкото обвинителство.
Засега непознато лице во 16.45 часот дошло до Бојку, кој едновремено важеше за бос на проституцијата во струшко Велешта и пошироко, додека тој бил на својата плажа „Аква блу“ на струшкото крајбрежје. Истрелал кон него неколку куршуми од огнено оружје.
Според очевидци, напаѓачот потоа брзо се качил на мотор и побегнал во непознат правец.
Мотивите за убиството, како што неофицијално објавуваат некои портали, се крвна одмазда за убиство сторено од синот и братот на Бојку.
Инаку, Бојку има „богата“ биографија, беше обвинет за пет кривични дела поврзани со организирана проституција. Тој беше обвинет за заробување на млади жени од Украина, Романија и Молдавија, за бело робје. Бојку на 20 јуни 2003 година избега скокајќи во црна кола, во близина на затворот во Струга, додека во придружба на обезбедување, но без лисици на рацете, чекаше да го спроведат до суд со полициско комбе. Поради бегството, директорот на затворот во Струга, Драган Петрески бил отповикан.
САД за да помогнат на борбата со трговија со луѓе на Балканот, понудија награда од 10.000 долари за информација која ќе води до негово наоѓање. Обвинетиот Бојку беше фатен по двонеделно бегство. Тој се подготвувал да избега во Бразил.
„Кралот на проституцијата“ кога беше екстрадиран од Црна Гора, по враќањето во Македонија се вклучи во угостителскиот бизнис, земајќи ја под концесија струшката плажа „Аква скај“.