Откако е објавена веста за веридбата, убавата Амал преку ноќ стана популарна и со детали за неа се полнат весниците.
Родена е во Бејрут пред 36 години, и со забележителна кариера на адвокат во Лондон. Случајно или не, еден од нејзините клиенти беше и основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, а беше и во правниот тим што го застапуваше Слободан Милошевиќ.
Исто така, работела и како советничка на специјалниот пратеник на Кофи Анан во Сирија, а беше ангажирана и во случајот, кој ја третираше употребата на беспилотните летала во борбата против тероризмот, пишуваат британските медиуми. Со сите овие референци, убавата Амал е и правна советничка на кралот на Бахреин.
Нејзиното образование е еднакво импресивно како и нејзината биографија. Дипломирала на Универзитетот во Њујорк, а исто така студирала и на Оксфорд. Исто така, зборува течно и арапски и француски јазик.
Тоа не е се. Амал освен адвокатскиот ангажман во хуманитарните цели шрирум светот, објави и книга за меѓународно кривично право под наслов „Закон и пракса на Специјалниот суд за Либан“. Со сите набројани успеси Амал ја краси и природната убавина која ја прави неодолива.